Субвенции за филтри на 25 000 домаќинства и за плин во 10 000 возила, меѓу амандманите на ВМРО-ДПМНЕ за Буџетот за 2021
Субвенции за филтри на 25 000 домаќинства и за плин во 10 000 возила, меѓу амандманите на ВМРО-ДПМНЕ за Буџетот за 2021
ВМРО-ДПМНЕ најави дека преку амандмани на Буџетот за 2021 ќе бара итни и интервентни мерки против загадувањето на воздухот и сите негативни појави во животната средина.
Пратеникот Тимчо Муцунски денеска соопшти дека преку консултација со невладината организација 02 Иницијатива, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднеле голем број амандмани кои ќе овозможат во краток рок да се применат конкретни мерки.
Тој претстави дел од амандманите, меѓу кои:
- Субвенции за поставување на филтри од домашно производство за 25 000 домаќинства кои се греат на дрва и други загадувачки материи;
- Промена на начинот на загревање на здравствените и образовните установи во најзагадените градови во Македонија од мазут/нафта во гас/топлотна мрежа/топлински пумпи/сончеви колектори;
- Поставување на DPF (diesel particulate filters) и SCR (selective catalytic reduction) системи на автобусите и градежните машини во најзагадените градови во Македонија – на ваков начин, поради неможноста да се заменат постоечките со нови, ќе се приспособат старите автобуси и градежни машини кои продуцираат високо и опасно загадување во градовите;
- Поставување на филтри на јавните институции во најзагадените градови во Македонија кои нема да го променат начинот на греење во незагадувачки;
- Субвенции за поставување на плински уреди во 10 000 возила;
- Акредитација на Централната лабораторија за животна средина на МЖСПП – Акредитација на методите за одредување на тешки метали во воздухот, акредитација на методите за одредување на полициклични ароматични јаглеводороди во воздухот, за потребите на инспекторите. Редовно одржување и надградба на инструментите што се употребуваат за хемиска анализа.
Претставувањето на овие амандмани е во пресрет на амандманската расправа која почнува денес, а Муцунски ги повика и останатите пратеници да ги поддржат.
„Бараме од колегите од другите пратенички групи да се придружат кон овие амандмани предложени од невладиниот сектор и експерти. Проблемот е колективен, а неуспехот значи влошена здравствена состојба на сите наши граѓани. Доколку сакаме да ги надминеме бариерите на дневната политика, токму преку заедничко усвојување на овие амандмани можеме да покажеме дека Македонија може поинаку – рече Муцунски.
Негативните трендови со загадувањето, потсети тој, не засегнуваат сите и се повика на научни студии кои укажуваат на тоа дека најмладите генерации нема да можат да го достигнат својот потенцијал заради токсичните материи во воздухот, а најстарите генерации со хронични заболувања се во постојан ризик.
„Посебно земајќи ја предвид кризата од глобалната пандемија, ризикот за смртност во Македонија веројатно се зголемува токму заради овој непосакуван фактор – додаде Муцунски.