Судијата Вулнет Винца, три дена откако му го врати пасошот на бизнисменот Марковски, замина во пензија
Претседателот на Основниот суд Струга, Вулнет Винца, кој беше претседател на кривичниот совет што одлучи да му го врати пасошот на битолскиот бизнисмен и почесен конзул на Белорусија во земјава, Борче Марковски, од денеска веќе не е судија поради исполнување на условите за старосна пензија.

Судскиот совет го отфрли неговото барање за продолжување на вршењето на судиската функција поради ненавремено доставување на потребната изјава. Воедно, советот констатира дека Винца месецов ги исполнил условите за старосна пензија.
Претседателот на Основниот суд Струга во заминување, Вулнет Винца, денеска потврди дека тричлен кривичен совет одлучил да му го врати пасошот на бизнисменот Марковски.
Кога решавал за пасошот веќе исполнувал услови за пензија
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, на денешната седница рече дека до Советот е пристигнато барање од судијата Вулнет Винца за продолжување на функцијата и по исполнување на условите за старосна пензија.
Единствена за збор се јави членката на Судскиот совет, Сузана Јошевска-Анастасовска, која посочи дека од доставената писмена изјава се гледа дека се однесува на продолжување на работниот однос за избрани и именувани лица.
Наведе дека таа е доставена на 21.11.2025 година, иако рокот за доставување на ваквите изјави бил до 31.8.2025 година.
…






