Судијката според која судството беше наречено „сваровски“ ги презема предметите на новата претседателка на Кривичен
Судијката Лидија Петровска од чие име судството почна да се нарекува „сваровски“ и чие име се слушаше во „бомбите“ кои ги објавуваше СДСМ пред да дојде на власт, ќе ги преземе предметите кои ги работеше новоизбраната претседателка на Кривичниот суд Даниела Димовска, а ќе го суди и еден од најголемите предмети кој е во тек, „Адитив“, пренесе Слободен печат.
Од Кривичниот суд објаснуваат дека Петровска не е унапредена туку новата претседателка направила промена на годишниот распоред, па Петровска како една од најискусните судијки од одделот за Кривично полнолетни е распределена да суди во одделот за организиран криминал и корупција.
– Судијата Петровска е еден од судиите со најдолг стаж во судот, односно е избрана за судија во 2013 – та година, најголем дел од својата кариера постапувала и како судија во одделот Кривично полнолетни, а воедно во текот на 2017 – та година постапувала и како судија во одделот за организиран криминал и корупција. Дополнително со изборот на нови судии во Кривичниот суд, и избор на судии од овој суд во Апелациониот суд Скопје, во одделот Кривични полнолетни постапуваат судиите со помал стаж и искуство, па заради тоа во одделот за организиран криминал и корупција, како и до сега, се распределуваат судиите со најдолг стаж и искуство – велат од Кривичен во соопштение до јавноста.
Оттаму потенцираат дека за унапредување на судии е надлежен Судскиот совет, а судот единствено прави промена на годишниот распоред заради ефикасно судење и континуитет на постапките.
Петровска остана запаметена во јавноста по разговор што беше јавно објавен во кој разговараат поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков и сега разрешената судијка Софија Лаличиќ која ја озборуваше дека на поранешната претседателка на Кривичен и Врховен суд Лидија Неделкова и купувала сваровски подароци за да биде избрана за судијка.
Димовска пак пред речиси еден месец со 10 гласа „за“ и два „против“, но и жестоки обвинувања за кршење на Законот за судови затоа што не е избран судија со најмногу бодови, туку единаесетта по ред, во Судски совет беше избрана за вршител на должност претседател на Кривичниот суд, откако Иван Џолев беше унапреден во Апелација.
Петровска за „бомбите“ кажа дека тоа што била озборувана не ја дисквалификува да суди. Откако поранешното Специјалното јавно обвинителство ги поднесе обвиненијата кај Петровска беа распоредени три предмети на СЈО, а тие бараа нејзино изземање.
Иако изземањето не беше прифатено, Петровска ги предаде овие предмети во работа на друг судија бидејќи тогашниот претседател Џолев направи нов годишен распоред и Петровска не судеше во Одделението за организиран криминал, односно беше префрлена во друг оддел.