Судир меѓу црквата и државата во Ерменија: Архиепископ обвинет за повик на државен удар

Напнатоста меѓу ерменската држава и Ерменската апостолска црква ескалираше откако полицијата и националната безбедносна служба упаднаа во манастирот „Свети Ечмиадзин“ во близина на Ереван, за да приведат висок свештеник осомничен дека повикувал на насилно уривање на владата.

Инцидентот се случува во сенка на зголемената политичка конфронтација меѓу премиерот Никол Пашињан и патријархот Гарегин Втори, кој го обвинува Пашињан за воен пораз на Ерменија во конфликтот со Азербејџан во 2020 година.

Во средата властите објавија дека спречиле терористички заговор организиран од архиепископот Баграт Галстанјан, лидер на протестно движење. Според тврдењата, тој регрутирал свештеници за формирање „ударни групи“ со цел соборување на владата.

Денеска полицијата упадна и во резиденцијата на поглаварот на црквата за да го приведе архиепископот Микаел Аџапахјан, кој јавно побарал оставка од Пашинјан. По краток судир со други свештеници, Аџапахјан најави дека ќе се предаде, но ги негираше обвинувањата, нарекувајќи ги „акти на беззаконие“.

Црковни лица се обидоа да го заштитат архиепископот, заклучувајќи ја резиденцијата, но безбедносната служба најави дека ќе испрати засилување.

Премиерот Пашињан неодамна дополнително ја влоши ситуацијата обвинувајќи го патријархот дека има вонбрачно дете, барајќи од верниците да го отфрлат. Тоа предизвика апели за екскомуникација на Пашињан од црквата.

Back to top button
Close