Судот во Стразбур го одби барањето на Додик а запирање на одлуката за негово отстранување од претседателката функција во РС

Европскиот суд за човекови права во Стразбур го отфрли барањето на правниот тим на Милорад Додик за привремено запирање на одлуката за негово отстранување од функцијата претседател на Република Српска, потврди Судот за Радио Слободна Европа.

Со барањето се настојуваше да се суспендира спроведувањето на судските одлуки во Босна и Херцеговина врз основа на кои му беше одземен мандатот. Судот соопшти дека барањето за привремена мерка, поднесено согласно Правилото 39, било разгледано и одбиено без дополнителни образложенија.

Милорад Додик минатата година беше правосилно осуден на една година затвор и шест години забрана за вршење јавни функции од страна на Судот на Босна и Херцеговина, поради непочитување на одлуките на високиот претставник. Судот утврди дека Додик, како тогашен претседател на Република Српска, свесно потпишувал и применувал закони што претходно биле поништени од високиот претставник на меѓународната заедница, Кристијан Шмит.

Жалбата против Босна и Херцеговина е поднесена во јануари 2026 година, кога е побарана и привремена мерка. Неговиот правен застапник Горан Бубиќ не ја коментираше одлуката. Во меѓувреме, вршителката на должноста застапник на Босна и Херцеговина пред Судот во Стразбур, Моника Мијиќ, изјави дека сè уште не го добила предметот.

Одлуката за привремената мерка не го предодредува исходот од постапката по жалбата, за која Судот ќе одлучува во наредните фази, по доставувањето на предметот до сите страни, наведува Радио Слободна Европа

Back to top button
Close