Судски предмети „одлежуваат“ како старо вино

Во јуни 2020 година беше донесена пресуда за „Рекет“. За шест месеци постапката заврши во прв степен, но по девет и пол месеци не е завршена во повисокиот суд.

 

Сѐ уште нема коментари од судството и обвинителството за Извештајот за состојбата на човековите права на американскиот Стејт департмент, во кој беа нотирани неколку клучни забелешки. На адреса на обвинителите е упатена критика дека често ги пробиваат законските рокови за комплетирање на истрагите, а за тоа не сносат никакви последици, а на адреса на судството – за одложена правда. Во темелот на двата примера проблематизирана е бавноста во постапувањето. Во еден сегмент, причините за тоа може да бидат објективни – недоволен кадар и ресурси, или како што се вели во Ивештајот – несоодветното финансирање на правосудството и обвинителството кои и натаму ги попречуваат работата и ефикасноста на судовите. Но, во друг сегмент може да станува збор за причини од „поинаква природа“.

Денес ретко кој од правосудството е подготвен да говори за вториот аспект. Дури и кога станува збор за предмети кои се сметаат за брзо завршени, прашањето е дали е навистина така. Типичен пример за тоа е високопрофилниот случај „Рекет“. Истрагата за него беше отворена на 15-ти јули 2019 година, судењето почна на 3-ти декември, и по одржани над 30 рочишта на 18-ти јуни 2020 година беше донесена првостепена, неправосилна пресуда, за која осудените имаат право на жалба до Апелациониот суд. За два и пол месеца ќе помине една година од пресудата. Ако за шест месеци постапката завршила во прв степен, зошто по девет и пол месеци таа не е завршена во повисокиот суд? Фразата дека „предметите во апелација по дефиницијa ‘одлежуваат’ најмалку една година“, го отвора прашањето: дали реално е потребно толку време? Токму ваквите временски „џебови“ создаваат сомнежи и дилеми дека можеби во „постпродукција“ нешто се калибрира или се купува време, особено кога на неправосилно осудените тоа им обезбедува деновите да ги поминуваат во домашен притвор, како во овој случај.

Рокови и рокови

Дали е потребно толку време?

„Кога станува збор за високо профилирани судски предмети, најголемиот дел од притисокот на јавноста за условно кажано ‘брзото’ испорачување на правда е на сметка на првостепените судови, при што се остава впечаток дека се занемарува понатамошното постапување во следните инстанци, во смисла на дополнителната временска рамка за нивното постапување“, вели Натали Петровска, извршна директорка на Коалицијата Сите за правично судење.

Со цел да добиме слика за брзината на постапката во следната инстанца, од Петровска побаравме опис на времето предвидено со процедурите.

„Откако Основниот суд ќе донесе првостепена пресуда, странките имаат право на жалба во рок од 15 дена од приемот на пресудата, на што спротивната страна има право на одговор на жалба во рок од 8 дена од приемот на жалбата. Иако ова се релативно кратки рокови, мора да се има предвид дека во нив не е предвидено времето потребно за доставување на пресудата и жалбата до странките. На ова се надоврзуваат и одредбите според кои првостепениот суд ги доставува списите до второстепениот суд во рок од 3 дена од приемот на одговорот на жалба. Тоа значи дека само во оваа почетна фаза на второстепената постапка можат да поминат најмалку 26 дена, а имајќи предвид дека е потребно дополнително време за доставување на документите, овој проток на време вообичаено е многу подолг“, вели Петровска.

Ако за оваа процедура во идеални услови е потребен најмалку еден месец, за следната се потребни и повеќе од два.

„Постапката продолжува така што списите од предметот ги презема судија известител 3 дена од приемот на списите во второстепениот суд и потоа ги доставува до надлежниот јавен обвинител кој има 15, а за посложените случаи 30 дена да ги разгледа списите на предметот. Откако ќе измине овој рок, судијата известител може да побара дополнителни списи од основниот суд, кој пак е должен да ги предаде во рок од 30 дена. Тука е битно да се потенцира дека нема одредба која го ограничува судијата известител повеќе пати да се обрати до основниот суд за вакви списи, со што секој пат би се рестартирал рокот од 30 дена за доставување на побараните информации. Со тоа постапката во оваа фаза може да трае уште дополнителни 63 дена или повеќе доколку се бараат списи од основниот суд во неколку наврати“, објаснува Петровска.

Тоа не е сѐ

Откако завршува подготовката на предметот, Апелациониот суд закажува седница, но не е врзан со рок во кој мора да ја закаже седницата, што значи дека тоа може да биде направено и по неколку месеци. Според Петровска, доколку на седницата Апелациониот суд одлучи дека е потребно да се одржи расправа, истата ја закажува во рок од 15 дена од денот кога е одржана седницата. Одредбите кои се однесуваат на главната расправа во првостепената постапка соодветно се применуваат и на расправа пред советот на второстепениот суд, а на истата се изведуваат доказите кои не биле познати или достапни во текот на првостепената постапка, како и оние за кои советот ќе оцени дека е потребно да се изведат. Тоа значи дека расправата пред второстепениот суд може да трае повеќе денови во зависност од сложеноста на предметот, обемот на доказниот материјал кој треба да се изведе, а секако и од распоредот на судењата, односно насрочувањето на рочиштата за расправата.

-повеќе на темата: Случај „Рекет“: Добивме пресуда, но дали добивме правда?

„Имајќи го ова предвид, како и роковите кои се потребни за доставување на списите, потешкотиите со кои се соочуваат доставните служби, па дури и целосната злоупотреба и намерно недоставување на списите (што беше откриено во неколку неповрзани случаи), како и недостигот на одредби кои предвидуваат прецизен рок за закажување на седница, но и отсуството на било какви последици или санкции доколку обвинителството, првостепениот или второстепениот суд ги пречекорат роковите предвидени во ЗКП, второстепената пресуда може да биде донесена и по повеќе од една година од донесување на првостепената постапка. Оттука, потенцијалното ефикасно и забрзано работење на основните судови за ефектуирање на предметите во прв степен, не значи нужно и гаранција за ефикасно завршување на целокупниот предмет, како и минимизирање на ризикот од евентуалното застарување на кривичното гонење“, вели Петровска.

Во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски доби казна затвор од 9 години за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева, 7 години за злоупотреба на службената положба и овластување. И двајцата се во домашен притвор.

извор: ДВ

Back to top button
Close