Судски соработници од Апелација испратиле демант дека поднеле претставка за Ѓоко Ристов
Судскиот совет ги проверува наводите за нестручно и несовесно работење на судијата Ѓоко Ристов, откако до нив стигнала анонимна претставка која наводно била од судски соработници и советници кои постапувале со судијата кој заврши во куќен притвор откако во домот на неговите родители беа најдени заѕидани 350 илјади евра.

Но, она што е интересно во одговорот на Судскиот совет на прашањата од „Слободен печат“ по колку претставки постапувал Советот поднесени за судијата Ристов, е тоа што минатата недела, односно на 29 јануари, до нив стигнал демант потпишан од судски советници од Апелација кои демантираат дека поднеле каква било претставка за судијата.
-Во однос на претставката поднесена наводно од име на судски соработници и советници кои постапувале со судијата по која претставка Советот расправаше на 534-та седница на 12.01.2026 година, како по анонимна претставка со оглед на тоа што истата нема потпис на подносители, известуваме дека од страна на Судскиот совет е постапено со тоа што е формирана работна група за проверка на наводите изнесени во претставката. Истовремено по однос на информациите објавени во јавноста дека наводната претставка била поднесена од судски советници од Апелациониот суд Скопје известуваме дека до Судскиот совет на ден 29.01.2026 година доставен е писмен демант потпишан од судски советници од Апелационен суд Скопје со кое известуваат дека истите не се подносители на каква било претставка, ниту дале согласност или овластување на кое било лице да поднесува претставка во нивно име и во целост се оградуваат од нејзината содржината – велат од Судскиот совет за „Слободен печат“.
…






