Судски совет: Донесени одлуки за објавување оглас за избор на шест судии на Врховниот суд и 17 судии на повеќе апелациски судови
Одлуки за објавување огласи за избор на шест судии на Врховниот суд на Република Северна Македонија и 17 судии на апелациски судови во Скопје, Битола, Гостивар и Штип донесе на денешната седница Судскиот совет.
Оттаму посочија дека Советот донел одлука за објавување оглас за избор на судии на Врховниот суд на РСМ, и тоа тројца за кривична материја и тројца за граѓанска материја. За таа цел била и формирана и комисија за рангирање на изборот на судии.
„Од анализата за потребата за донесување на Одлука за објавување оглас за избор на судии на апелациони судови во РСМ, произлезе одлуката на Советот да се објави оглас за избор на 17 судии. За Апелацискиот суд Скопје, Советот донесе одлука за избор на шест судии од граѓанска и четири од кривична материја. За Апелациски суд Битола беше донесена одлука за избор на тројца судии од граѓанска област и еден од кривична. Во Апелацискиот суд Гостивар, со денешната одлука ќе се избираат двајца судии за граѓанска материја, а во Апелацискиот суд Штип еден судија од граѓанска област“ соопштија од Судскиот совет.
Судскиот совет вели дека за сите апелациони судови се формирани и комисии за рангирање на изборот.
Пред речиси еден месец Судскиот совет избра четворица судии од кривична област во Апелацискиот суд Скопје.
Со тоа Судскиот совет го екипира Апелацискиот суд Скопје со вкупно осум нови судии откако претходно на денешната седница избра и четворица судии од граѓанската област.
Ова е прв избор за второстепен суд спроведен врз основа на методологијата изработена согласно новиот Закон за Судски совет.
Првиот човек на Судскиот совет, Сашко Георгиев, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, рече дека при изборот на осумтемина судии за скопска апелација, покрај ранг-листата, важен бил и интегритетот на кандидатите, поднесените претставки за нив, барањата за одговорност.