Судски совет: Нема одговорност на судиите во неуспешната конфискација на имотот на Сеат Кочан

Судскиот совет на денешната седница усвои заклучоци во врска со неуспешната конфискација на имотот на осудениот бизнисмен Сеат Кочан, според кои нема професионална одговорност ниту пропусти од аспект на процесно и материјално постапување на судиите од сите судови што постапувале во предметот „Труст“ на некогашното СЈО, а дали има кривична одговорност ќе одучи надлежниот орган, Јавното обвинителство. Членовите на Советот се согласија дека има морална одговорност за судиите затоа што не презеле активности за да ги предупредат Државното правобранителство и Јавното обвинителство дека дел од имотот што треба да се конфискува во меѓувреме е продаден или дека со имотото се манипулира. Сепак, се согласија членовите на Судскиот совет, формално-правно Правобранителството и ЈО, а на судовите, имаат обврска да го штитат имотот на државата и будно да внимаваат во процесите да не дојде до отуѓување и неможност за наплата. Јавното обвинителство имало можност во жалбите во второстепената постапка да реагираат дека имотото е непрописно отуѓен, констатираа од Судскиот совет.

Во дискусијата членовите на Судскиот совет нагласија дека Јавното обвинителство и Државното правобранителство не ги заштитиле буџетот, државниот имот и не ја користеле својата надлежност. Имаше критика и дека судиите кога сфатиле дека се прават манипулации со имотот што треба да биде одземен требало веднаш да реагираат до ЈО и ДП, а не го сториле тоа.

Заклучоците, кои не се објавени јавно, заедно со збирниот извештај од посетите на четири суда Судскиот совет ќе го достави до Државното правобранителство и до Јавното обвинителство, а на ЈО понатаму е да поведе кривични постапки против оние што со разни злоупотреби овозможиле Кочан да го продаде имотот, заради што е оневозможена конфискацијата.

За да го донесе единствениот заклучок што денеска беше усвоен Судскиот совет минатата година направи работни посети на Основниот граѓански суд, Основниот кривичен суд, Апелациониот суд Скопје и на Врховниот суд.

А одлуката на Судскиот совет да ги направи овие посети и да донесе единствен заклучок е од лани од април , односно за да се завршти оваа „мисија“ на Советот му требаа година и осум месеци!

Предметот „Труст“ и понатаму е актуелен во јавноста затоа што досудената конфискација на имотот на фирмата „Трансмет“ не се рализираше оти имотот што требаше да биде одземен во меѓувреме беше преземен од други фирми и банки, а штетата за државата се проценува на над 12 милиони евра. За „мрежата од институции“ вклучени во неуспешната конфискација ова лето поднесе извештај и Државната комисија за спречување на корупцијата, според кој, сторени се низа злоупотреби со кои е оштетен државниот буџет. Комисијата тогаш поднесе иницијатива до ЈО за гонење на организиран криминал и корупција за сомнежи за намерно оштетување на доверителите по пат на фалсификување на документација, измама и перење други приноси од казниво дело, со цел да се обезвредни имотот кој бил во сопственост на РСМ и да се презме од друго лице.

Оваа постапка на ДКСК, пак, го предизвика Јавното обвинителство да ја раскине соработката Комисијата, односно да ги третира нејзините претставки како и сите други, без да им дава приоритет.

Кривичната постапката против Кочан и „Трансмет“ ја водеше СЈО од 2017 година и резултираше со затворска казна за Кочан од 6 години, која потоа на Апелација беше намалена на 4 години и 8 месеци. На почетокот на постапката против Кочан и „Трансмет“ беше замрзнат движениот и недвижниот имот на компанијата, а на крајот падна во сопственост на „Пуцко Петрол“ од Пласница, наместо да го конфискува државата.

Back to top button
Close