Судски совет вo петок ќе избира претседател – премиерот не отстапува од разрешување

Судскиот совет за во петок, на 3 јануари закажа седница за избор на претседател, откако Весна Дамева пред еден месец си поднесе оставка.

И покрај укажувањата на експертите дека разрешувањето на членовите на Советот избрани во Собрание е противуставно, премиерот Христијан Мицкоски не отстапува од оваа намера.

-Како Влада нема да работиме нешто што е спротивно на законот и Уставот, па така ни во овој процес. Ние работиме во интерес на граѓаните согласно закон и устав, а да, ќе се појавуваат таков вид таканаречени експерти коишто ќе толкуваат вака или така, но едно е јасно, а тоа го кажуваат граѓаните – дека овие луѓе се со доверба од 2 проценти и не ја заслужуваат повеќе платата којашто ја земаат – рече Мицкоски.

Професорот по уставно право, Денис Прешова со статус на Фејсбук укажа дека ова би било преседан и противправно постапување.

– Прво, најава за разрешување на т.н. несудски членови на Судскиот совет кое би било целосно спротивно на Уставот и меѓународните стандарди. Членовите на Судскиот совет имаат гаранции за независност многу слични на оние кои ги имаат судиите, додека Судскиот совет има уставно загарантирана институционална независност. Оваа индивидуална и институционална независност не смее да биде компромитирана на ваков начин бидејќи тоа сигурно ќе предизвика сериозни последици во иднина. Да не се разбереме погрешно, лично сметам дека постојат многу основи за повикување на одговорност на овие пет, како и некои други, членови на Судскиот совет, но сепак тоа не може да биде оправдување за противправно постапување. Па уште ќе се прашувал Уставниот суд какво мислење има за ова прашање, по не знам која постапка. Тоа е исто како да ги прашате: Дали сметате дека може да ве разрешиме иако никаде нема правна основа за такво нешто? Ако ова разрешување на петте члена на Судскиот совет помине, тогаш ќе се постави исклучително лош преседан кој е само прашање на време кога ќе се примени и на самите уставни судии, бидејќи другите „независни“ тела веќе ќе бидат комплетно исчистени и заробувањето само ќе го промени изворот, од едно парламентарно мнозинство во друго. Проблем е исто така што имаме опозиција која нема никаков кредибилитет да се спротивставува на сето ова бидејќи тие претходно директно учествуваа во ре-заробувањето на овие институции, па поради тоа мнозинството има бришан простор пред себе – објави Прешова.

СДСМ реагираше на оваа најава и порача дека тоа би значело газење на демократијата, на уставната поделба на власта и враќање кон мрачните времиња на политички прогон преку контролирани судии и судски процеси.

-Целосно спротивно на сите реформи и на она што Мицкоски го потпиша во планот за раст пред само неколку месеци во Брисел. На овој начин Мицкоски ги фрла на буниште реформите во судството и презема целосна контрола и партизација на судството. По истиот рецепт од времето на Груевски, кога судиите беа алатки на режимот, а правдата беше глува за граѓаните. Мицкоски сака да биде и судија и егзекутор, да дели партиска наместо законска правда, се вели во реакцијата на СДСМ.

Back to top button
Close