Судскиот совет донесе одлука: Ќе се стават во мирување постапките за избор на судии и утврдување одговорност за време на изборите

Судскиот совет донесе заклучок постапките за утврдување на одговорност за претседател на суд или судија и постапките за избор на претседател на суд или судија да се стават во мирување согласно Одлуката на Собранието на Република Северна Македонија за распишување на претседателски и парламентарни избори според која не може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.

По долга дебата со поделени мислења, на денешната седница Советот донесе одлука со која сите фази од овие постапки се ставаат во мирување и одлучи дополнително да решава по прашањето за изборот на член на Судски совет, на седницата закажана за во четврток, 29 февруари.

Според членот Ивица Николовски, Судскиот совет е самостоен и независен орган.

Ние сме самостоен и независен орган, кое било дејствие поврзано со избор и разрешување не претставува пречка ако е во насока да се обезбедат услови судството непречено, ажурно да функционира, рече тој.

Тања Чачарова-Илиевска посочи дека треба да се почитува членот 8-а од Изборниот законик, но со проценка кои ситуации се итни.

Членот Антоанета Димовска смета дека треба да се продолжи постапката за избор на членови на Судски совет и постапките за утврдување на одговорност на судии, бидејќи, како што посочи, доколку не се формира Влада, ќе треба процесот да се пролонгира.

За претседателката на Врховен суд, член на Судски совет по функција, Беса Адеми, изборот на судии е едно од клучните прашања кои што произлегуваат од начелото на независност но и од начелото на ефикасност и не пости законска пречка Советот да продолжи со работа.

Членот Селим Адеми го сподели десетгодишното искуство за кое посочи дека при овие ситуации имало мирување на работата.

Back to top button
Close