Судскиот совет и денеска покажа дека му недостига волја за исполнување на препораките на ЕУ, реагираат од Коалицијата „Сите за правично судење“

За жал повторно мораме да констатираме дека Судскиот совет носи необразложени одлуки кои воопшто не се поткрепени со аргументи, што јасно укажува на недостигот на волја, свест и капацитет за исполнување на препораките од Оценската мисија на ЕУ.

Ова се наведува во реакцијата на невладината Коалиција „Сите за правично судење“ во врска со денешната 525. Седница на Судскиот совет, конкретно на постапката во која беше судијката Даниела Димовска беше избрана за в.д. претседател на Основниот кривичен суд Скопје.

„Коалиција ‘Сите за правично судење’ со особена загриженост истакнува дека праксата на Судскиот совет во поглед на непочитување на законските одредби од Законот за судовите, како и непочитување на одредбите за давање на јасни аргументи и образложенија на одлуките продолжува да биде применувана од страна на Советот“,

се вели во соопштението на невладината организација специјализирана за следење на состојбите во македонското правосудство.
Во врска со поводот за нивната реакција, оттаму велат дека иако граѓанските организации, правните експерти, меѓународната заедница, па дури, како што велат, и Управниот суд алудирајќи на случајот со ексуставната судијка Елизабета Дуковска досега неброен број пати констатирале дека Судскиот совет не ги почитува воспоставените правила за носење на одлуките, овој начин на постапување бил применет и на денешната седница при изборот на вршител на должност претседател на Основниот кривичен суд Скопје.

„Така, иако во дискусијата беше истакнато дека пред избраниот кандидат се наоѓаат 10 судии како подобро оценети, воопшто не беше наведено кои судии од овој суд имаат најголем број бодови од последното оценување, ниту колку изнесуваат бодовите на кандидатите, дотолку повеќе што не беше даден ниту аргумент за отстапувањето од законското правило за избор на судија со најголем број на бодови“,
велат од „Сите за правично судење“.

Изборот на в.д. претседател на Основниот кривичен суд Скопје беше на дневен ред на денешната седница на Судскиот совет, откако досегашниот шеф на најголемиот суд во државата, според обемот на предмети и кадар, Иван Џолев, беше избран за судија во Апелацискиот суд Скопје. Тој денеска и официјално ја презеде новата должност, откако даде свечена изјава во Судскиот совет.

Со 10 гласа „за“ и два „против“ за в.д. претседател на скопскиот Основен кривичен суд беше избрана судијката од овој суд Даниела Димовска.

Она што предизвика реакции е што при нејзиниот избор членовите на Судскиот совет отстапија од членот 89 од Законот за судии, кој вели дека: „Во случај на разрешување или престанок на мандатот на претседателот на судот, до избор на нов претседател на судот, Судскиот совет на Република Македонија од редот на судиите во судот определува вршител на должноста претседател на судот кој во последната година е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на останатите судии има добиено најголем број бодови“.

Инаку, Даниела Димовска за в.д. претседател ја предложи членката на Судски, Данка Ристова како координатор за работата на овој суд. Таа во своето подолго излагање ги наведе и причините зошто при изборот на Димовска Судскиот совет не треба да се води исклучиво од членот 89 од Законот за судовите.

Според неа, постои невоедначеност меѓу овој и Законот за Судски совет. Ристова посочи дека Законот за Судски совет е понов во однос на времето кога е донесен и според него оценувањето на судиите се врши на секои четири години, додека Законот за судови имплицира дека оценувањето се врши секоја година. Во таа насока, таа посочи дека за последната година не е извршено оценување на судиите, така што врз основа на тој критериум, според Ристова, не може да се врши изборот.

Момент од денешната седница на Судскиот совет на РС Македонија / Фото: Принтскрин
Во вакви услови, како што наведе таа е направено средно решение, според кое в.д. претседател ќе се избира од позитивно оценетите судии (без разлика кој како е рангиран според бодовите од оценувањето н.з.), а според податоците кои ги има меѓу судиите кои влегуваат во кругот кандидати за в.д. претседател на Кривичен, нема такви кои се негативно оценети.

Наводите од излагањето на Ристова ги поддржа нејизната колешка Антоанета Димовска која доаѓа од редот на судиите. Таа кажа дека ѝ била ментор на Д. Димовска кога дошла во судот и тврдеше дека има одлични менаџерски способности за да раководи со голем суд.

Единствена која влезе во полемика со ставовите на Ристова и Димовска беше Тања Чачарова-Илиевска, која рече дека не може да се согласи дека нема процедури за избор на в.д. претседател и дека има наводна колизија меѓу законите.

Ова беше повод и за размена на жестоки реплики меѓу Чачарова-Иливеска и Димовска околу законитоста на начинот на избор на в.д. претседателката на Основниот кривичен суд Скопје.

Но, Чачарова-Илиевска и Колацијата „Сите за правично судење“ не се единстѕвените кои денеска реагираа на изборот в.д. шеф на Кривичен.

Судијата Ненад Савески и испрати остра порака на Антоанета Димовска која ја објави и јавно, а во која директно посочи на членот 89 од Законот за судовите и ја праша членката на Судскиот совет зошто постапува спротивно на него.

„Срам сте за судиите кои гласале за вас! Кој ви даде право во наше име да кршите закон? Зошто постапуваш спротивно на чл. 89? Зошто согласно законот не го бирате најдобро оценетиот судија? Или за тебе законот е најмалку битен? Таму кај што седите нè претставувате нас, судиите! Зошто најсветото нешто за нас судиите го газите? Немате право на тоа! Противправно однесување е недозволиво за некој што е судија! Одете си од таму веднаш и престанете да им штетите на судиите! Брука си! Брука за судиите и за вашето семејство во кое сите се правници“,

вели Савески во пораката.

Дополнително, судијата изричито вели дека во случајот има судир на интереси, бидејќи Антоанета Димовска гласала за судијка на која ѝ била менторка.

Back to top button
Close