Судскиот совет не ги намали месечните норми на судиите

Иако судовите во Македонија работат во лоши услови, со значителен недостиг на судии и на стручни соработници, Судскиот совет не го намали ориентациониот број на предмети што треба да ги реши еден судија месечно во основните судови, апелациските судови, Управниот суд, Вишиот управен суд и Врховниот суд за 2024 година.

Тричлената комисија на Советот даде едногласен предлог да се намали ориентациониот број на предмети во определени судови, а во други да се зголеми, но претседателката на Судскиот совет Весна Дамева побара да се аргументираат предлозите затоа што за одредени категории имаше предлози за енормно намалување на бројот на месечни предмети, што според Дамева, „не е во насока на побрза и поефикасна правда за граѓаните“.

Претседателот на комисијата Мирсад Сурои истакна ги разгледувале извештаите за прилив на предмети, за решавање на заостанатите предмети, сложеноста на предметите по кои постапуваат судиите итн.

– Основ за предлогот се извештаите од АКМИС системот за распоредување на предметите во судовите, бројот на предмети со кои определен суд ја почнал годината, примени, решени и заостанати предмети, колку судии постапуваат, број на судии кои ќе се пензионираат оваа година. Прибавени се и мислења од судовите. Имајќи ги предвид забелешките од претходните години, намалениот број на судии, потребниот број на судии за ефикасно постапување, неможноста за обезбедување на соодветен кадар и техничка помош за судиите, потребното дејствување што треба да го преземе секој судија, како и финансиските слабости, сметам дека треба измени, треба да се има реално нормирање – рече Сурои.

Тој изнесе предлог за некои судови, како Врховниот, Вишиот управен суд и Апелациите да остане истиот ориентационен број на предмети, а за други судови даде предлог нормата да се намали за одредени категории предмети и да се зголеми за други.

– Повеќе години наназад имам исти забелешки за нелогичности во разни судски уписници и барам да има реална слика. Во судовите има намален број на судии, дел од нив ќе се пензионираат. Тие не се виновни што неодстигаат стручни служби, добри услови за работа, а финаисиската слабост доведува до големи пречки, до неажурност и неефикасност – рече Сурои.

Претседателката Дамева рече дека и таа сочуствува со целото судство и дека судиите даваат натчовечки напори во работата.

– Но, да видиме кои параметри се земени при предлогот за намалување на нормите за некои судови. Сакаме да им удоволиме на судиите да имаат помалку работа, ама имаме и многу заостаток на нерешени предмети, правдата е забавена, а граѓаните не може да трпат – рече Дамева.

И заменик-претседателот Ханиф Зендели рече дека за да можат тие како Судски совет да ги намалат нормите треба да имаат сеопфатна анализа со извршени увиди во судските уписници.

– Ние секоја година намалуваме по малку – рече Зендели.

Членот на Советот Антоанета Димовска истакна дека има многу нелогичности во нормите за определени судови.

– На пример, за граѓански судија има норма за 20 регистрации на политичи партии месечно. За тоа не демантира животот, тоа е невозможно, таа норма е воспоставена кога имаше наплив на партии. Понатаму, има норма за 100 предмети од стечаен совет, а тоа веќе не постои по закон и треба да се избрише. Има предлог да се намали нормата за ликвидации, од пет на две месечно, а во Основниот граѓански суд Скопје во цела година има толку ликвидации, а во другите градови нема воопшто. Има норма за 100 предмети со издадени налози за извршни дејствија во станот на должникот, а јас не знам дали во реалноста има два такви предмета. Нелогичностите во поставените норми треба да се тргнат. Но, ние во овој момент немаме таква анализа и засега нека останат нормите. Тие се ориентациски, не се задолжителни, затоа што судија не може да решава тоа што нема – рече Димова.

Членот на Светот Сашко Георгиев рече дека го оправдува намалувањето на нормите во основните судови, затоа што квалитетот треба да дојде до израз.

– Имаме норма, која е ориентир на трудот на судијата, но треба да имаме разбирање за условите во кои работат. Со нормите квалитетот паѓа, затоа што судиите брзаат да ги постигнат – рече Георгиев.

Членот Селим Адеми истакна дека Судскиот совет секоја година расправа за нормите, кои, како што рече, се само ориентациски, а не се должност и ниеден судија не е казнет ако не ги исполни.

– Мој став е сега да останат истите нирми. Предлагам да размислиме дали веќе не треба да има норми, затоа што судството не е математика, нам ни требаат пресуди. Дојдено е времето кога судиите не треба да имаат бројка, туку издржани предмети – рече Адеми.

И Лорета Георгиева рече дека судиите не смее да се оптоваруваат со норми, туку во прв план треба да им е квалитетот на одлучуавњето, но така е предвидено во законот и нормата е еден од параметрите спорд кои Советот ја оценуваработата на судиите.

– Судството не е фабрика, треба да се посветиме на квалитет на одлучувањето. Да работиме на предлози на промена на законот – рече Георгиева.

Димова на ова одговори дека иако нормите се ориентациски, сепак при оценувањето ги земаат како фиксен параметар.

– И да си признаеме дека ориентационата норма беше воведена заради мрзливите судии. Ако не беше, некои судии нема да решат ниту два предмета – рече таа.

извор

Back to top button
Close