Судскиот совет не го назначи најдоброоценетиот судија за в.д. претседател на скопска Апелација, туку Зоран Герасимовски
Најдоброоценетата судијка Тања Милева, која беше предложена од членката на Судскиот совет Антоанета Димовска, доби само два гласа, а Зоран Герасимовски предложен од Ивица Николовски доби девет гласа

Треба да го одбереме судијата кој на последното оценување добил најмногу поени бидејќи на тој начин избираме судија чиј професионален квалитет е објективно утврден – рече членката на Советот, Сузана Јошевска-Анастасовска, но тој став не доби мнозинска поддршка
Судијата Зоран Герасимовски е определен да ја извршува функција вршител на должност претседател на Апелацискиот суд Скопје, објави на денешната седница претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски.
Судијата Зоран Герасимовски е определен за вршител на должност на Апелацискиот суд Скопје / Фото: Принтскрин
Ова следува откако Герасимовски доби поддршка од девет члена на Судскиот совет, а двајца беа против.
Од гласањето за судијата Зоран Герасимовски за в.д. претседател на скопска Апелација / Фото: Принтскрин
Претходно, членовите на Судскиот совет го разгледаа предлогот судијката Тања Милева да биде назначена за в.д. претседателка на овој суд, но тој не го доби потребниот број гласови. За неа гласаа двајца членови на Советот, додека другите девет беа против.
Герасимовски ќе ја извршува функцијата в.д. претседател на Апелацискиот суд Скопје до изборот на нов претседател на Судот во редовна постапка.
По изборот на в.д. претседател, Судскиот совет, согласно законски регулативи, донесе и одлука за објавување оглас за избор на претседател на скопска Апелација.
Долгогодишен судија, беше и член на Судскиот совет
Инаку, Герасимовски има долгодишно судиско искуство. Во 2005 година е избран за судија во Основниот суд во Тетово, а од 2017 година е судија во Апелацискиот суд во Скопје, каде што работи во граѓанската област.
Во 2022 година е избран за член на Судскиот совет од редот на судиите, но следната 2023 година поднесе оставка од функцијата. Како причина за одлуката наведе дека поради несогласувања во работата на Советот смета оти својот придонес може поефикасно да го даде како апелациски судија.
Најдоброоценетиот или…
До избор на в.д. претседател на скопска Апелација на денешната седница дојде откако вчера досегашната претседателка на овој суд, Мери Дика-Георгиевска, беше избрана за уставна судијка.
Собранието ја избра Мери Дика Георгиевска за уставна судијка
Пред гласањето членовите на Судскиот совет ја ставија оваа точна на дневен ред оценувајќи ја како приоритетна, а пота и расправаа по неа.
На почетокот на расправата, членката на Судскиот совет, Антоанета Димовска, ја предложи судијката Тања Милева, а членот Ивица Николовски го номинираше судијата Зоран Герасимовски. Во образложението Димовска рече дека Милева има искуство во работата на Апелацискиот суд во Скопје и може да одговори на предизвиците на функцијата.
„Имав предвид кој може да се справи со менаџерските работи. Јас ја предлагам колешката Тања Милева. Таа таму е судијка уште од 2019 година. Сметам дека може да се стави со таа функција, која треба да трае што пократко во рамки на законскиот рок“,кажа Димовска.
Членот на Советот, Ивица Николовски, предлагајќи го Герасимовски за в.д. претседател на Апелација, го посочи неговото долгогодишно судиско искуство и позитивни оценки во работата.
„Го предлагам судијата Зоран Герасимовски. Се работи за квалитетен и искусен судија, кој секогаш бил оценуван позитивно и високо бодиран. Ги исполнува предвидените формални услови со кои, покрај тоа што треба да биде квалитетен и искусен судија, треба да има и менаџерски способности, бидејќи треба да менаџира со овој најголем апелкациски суд во државата. Во текот на својот судиски стаж бил определен за раководител на судскиот дел и беше член на Судскиот совет, а беше и заменик-претседател на овој суд. Ја надминува и определената норма на извршени предмети“вели Николовски.
Според него, треба да се земе предвид и подготвеноста на самиот кандидат да ја преземе функцијата бидејќи голем дел од судиите немаат амбиција да прифатат ваква одговорна функција.
Членката на Судскиот совет, Сузана Јошевска-Анастасовска, рече дека при изборот за в.д. претседател на Судот треба да се земат предвид оценувањата на судиите.
Според законските одредби, како што додаде, назначувањето в.д. претседател треба да биде техничка постапка за Судскиот совет, а според Законот за судовите, оваа функција треба да трае најмногу два месеца.
„Треба да го одбереме судијата кој на последното оценување добил најмногу поени бидејќи на тој начин избираме судија чиј професионален квалитет е објективно утврден. Според табелата за оценување, Тања Милева имала највисок број бодови меѓу активните судии кои можеле да бидат земени предвид за функцијата“,рече таа.
Посочи и дека квалитетите на судијата Зоран Герасимовски се неспорни, но оцени дека изборот на в.д. претседател претставува техничка операција која треба да се спроведе согласно законските критериуми.
На тоа ѝ реплицира членот Николовски додавајќи дека иако Герасимовски не бил оценувал последната година поради ангажманот како член на Судскиот совет, сепак, имал високи резултати од претходниот период.
Членката Џенета Бектовиќ рече дека судијката Милева има солидни резултати и е одличен кривичар, но оти смета дека Герасимовски има одлични менаџерски способности.
„Герасимовски е судија во граѓанското оддел, а Тања е во кривичниот. Апелацискиот суд има проблем со граѓанските предмети, има помал број судии во тој оддел. Сметам дека Герасимовски ќе има способности да се справи во тој дел“кажа таа.
По расправата, Судскиот совет не го поддржа предлогот Тања Милева да биде определена за вршител на должност претседател на Апелациониот суд Скопје. Потоа, со девет гласа „за“ и два „против“, за оваа функција беше избран судијата Зоран Герасимовски. (360stepeni)





