Судскиот совет со пата-пата гласови не донесе одлука за делегирање на судијата Осман Шабани од Апелација во Кривичен

 

Со среќа нека е на предметите „Талир 1“ и „Титаник 1“. Тука завршуваме со оваа точка. Се надевам дека нема да се дозволи да застарат. Вака претседателката на Судскиот совет, со доза на револт го искоментира исходот од гласањето на денешната итна седница за делегирање на судијата Осман Шабани во Апелацискиот суд Скопје во Основниот кривичен суд Скопје за да ја доврши работата по овие два високопрофилни судски предмети, на кои им се заканува застарување.

Денешната седница на Судскиот совет / Фото: Принтскрин
Инаку, Шабани недоамна заедно со уште седум свои колеги судии неодамна беше унапреден во апелациски судија, а двата предмети кои ги водеше во Кривичниот суд сега добиваат нов судија поради што ќе почнат од почеток.

Членовите на Судскиот совет на денешната итна седница со поделени ставови и гласање шест „за“ и шест „против“ по речиси двочасовна расправа не донесоа одлука за времено упатување на судијата Шабани од Апелација во Кривичен.

За исходот на седницата попладнево Судскиот совет информира и преку писмено соопштение на својата официјална интернет-страница.

„Судскиот совет на РСМ известува дека на 475. итна седница одржана на ден 25.01.2024 година расправаше за потребата од времено упатување на судијата Осман Шабани од Апелационен суд Скопје во Основен кривичен суд Скопје, а со оглед дека станува збор за предмети од јавен интерес, но поради немање потребно мнозинство со 6 гласа ’за’ и 6 гласа ’против’ не се донесе одлука за времено упатување на судијата Осман Шабани од Апелацискиот суд Скопје во Основен кривичен суд Скопје“,се наведува во соопштението на Советот.

Иако не е гаранција дека со временото упатување на Шабани во Кривичен предметите нема да застарат, сепак членовите на Судскиот совет кои беа за да се донесе ваква одлука, сметаа дека со делегирањето шансите да се спасат случаите од застарување се поголеми, бидејќи со новиот судија ќе се изгуби повеќе време.

„Моите информации се дека во ‘Титаник’ се сослушани 200 сведоци. Можеме да прекинеме за пет минути и можеме судијата Осман Шабани да го прашаме. Еве тоа се факти. Дали сметаме ние дека 200 сведоци ќе може да сослуша другиот судија“,рече членката на Судскиот совет, Антоанета Димовска за време на дискусијата.

На денешната седница присуствуваше и претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, која ги повика членовите на Советот да гласаат за делегирање на судијата Шабани за да ги заврши судските предмети на кои им се заканува застарување. Во тој контекст таа потсети и на извештаите на Европската комисија, каде што се укажува одложувањето на судењата и застарувањето на предметите.

„И во извештајот на Европската Унија и за минатата и за оваа година е нотирано вака: Се зголемува одложувањето на судењата на случаи за корупција на високо ниво, што резултира со застарување на некои случаи. Ние како членови на Судскиот совет, посебно вие што сте со право на глас треба да го имате предвид извештајот на ЕУ“,рече Беса Адеми.

Претседателката на Врховниот суд и член на Судскиот совет по функција, Беса Адеми / Фото: Принтскрин
Членовите на Судскиот совет, пак, кои сметаа оти нема никаква гаранција дека со временото упатување на Шабани во Кривичен и беа против ваква одлука, беа на став дека судењата се одолговлекуваат поради судиите поротници. Поради ова тие предлагаат назначување резервни поротници.

„Искрено, да сум сигурен дека со делегирањето на судијата Осман Шабани ги спасуваме предметите, ќе гласам не со една една, туку со две раце. Но, го мислам спротивното, да не придонесеме со делегирањето на судијата Осман Шабани да изгубиме една година затоа што сите знаеме дека не може повеќе од една година да се делегира судија, а сите кажуваат дека предметот трае три години“,рече членот на Судскиот совет, Селим Адеми.

Инаку случајот „Талир 1“ се однесува на незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ, а меѓу обвинетите во него е и екслидерот на партијата и поранешен премиер Никола Груевски, кој избега во Унгарија, каде што доби азил од тамошните власти.

Поради промена на судија поротник пред три месеци случајот почна од почеток.

Во случајот „Титаник“ за изборни измами исто така се обвинети поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Овој случај застарува пред крајот на следната година.

Back to top button
Close