Судскиот совет во Апелација ги „чешла“ Таргет-Тврдина.,Трезор и Транспортер. Требело да знаеме дека има неажурност,признава Дамева

Утре, а најдоцна веднаш по Нова година, Судскиот совет треба да го добие извештајот на работната група формирана од Советот, а чија задача беше да го посети Апелацискиот суд Скопје и да утврди дали има процесна повреда во одлучувањето за одредени предмети, дали имало одолговлекување и дали одлучувале судии кои не смееле бидејќи биле пензионирани.

Иницијална каписла за формирање на работната група беше одлуката на Апелација со која ја укина првостепената пресуда за случајот „Таргет-Тврдина“ и го врати предметот на повторно одлучување.

Првостепената пресуда за „Таргет-Тврдина“, со која ексдиректор на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, беше осуден на казна затвор од 12 години, Основниот кривичен суд Скопје ја изрече на 26 февруари 2021 година. Јавна седница во Апелација за жалбите се одржа во март годинава, а за одлука со која второстепениот суд ја укина пресудата се чекаше повеќе од девет месеци.

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, денеска во изјава за медиумите информираше дека работната група го посетила  Апелацискиот суд и го изготвува извештајот.

Весна Дамева, претседателка на Судски совет/ Фото: 360 степени

„Веќе се изврши работна посета во Апелацискиот суд Скопје. Колегите веќе го изготвуваат извештајот и тој ќе биде доставен час поскоро. Јас се надевам уште во текот на утрешниот ден евентуално после Нова година. И тој извештај ќе го разгледува целиот Судски совет и врз основа на таа констатирана состојба понатаму доколку е потребно ќе се преземаат евентуално понатамошни дејствија“,изјави Дамева.

Одговарајќи на новинарско прашање дали Советот и досега требало да знае дека долго се чуваат предмети во Апелација, Дамева беше самокритична посочувајќи дека не било сè навреме детектирано.

„Имате право, Судскиот совет треба во секој момент да знае. Тука ќе бидам самокритична, не било детектирано сè навремено, меѓутоа не може и сè да знае (Судскиот совет н.з.). Ѝ благодарам на јавноста што укажува на вакви сензитивни случаи и Судскиот совет веднаш реагира. Во наредниот период ќе се преземат повеќе чекори за да не добиваме сознанија од вас медиумите за да можеме да реагираме туку тоа да биде обврска на Судскиот совет“,рече претседателката на Советот.

Покрај ситуацијата со долгото чување на предметот „Таргет-Тврдина“ пред да биде донесена и објавена одлуката од страна на скопска Апелација, работната група на Судскиот совет доби задача да го „прочешла“ и случајот „Трезор“, каде што исто како и со „Таргет-Тврдина“ беше укината пресуда пред еден месец „Трезор“, а меѓу обвинетите е Сашо Мијалков, како и случајот „Транспортер“, кој се однесува на злоупотреби при превозот на ученици во Битола, а обвинет е ексградоначалникот Владимир Талевски.

Back to top button
Close