Судските службеници реагираат: „Не сме го тужеле Врховниот суд за 70.000 евра“
Судските службеници во Врховниот суд на Република Македонија реагираат на информациите објавени, поврзани со конечниот ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија, оценувајќи дека во јавноста е создадена погрешна слика за вработените во судската служба.

Во реакцијата се наведува дека забелешката во ревизорскиот извештај за 28 судски постапки, во кои Судот се јавува како тужена страна, по основ на надоместоци и права од работен однос во вкупен износ од 4,2 милиони денари, не се однесува на вработените во судската служба.
„Предметните судски постапки за надоместоци и права од работен однос во износ од околу 70.000 евра не се поведени од вработените во судската служба. Вработените во судската служба за периодот опфатен со ревизијата немаат поведено постапки, ниту пак побаруваат средства по тој основ“, се наведува во соопштението.
Оттаму посочуваат дека со објавување на наслови во кои се наведува дека „вработените го тужат Врховниот суд и бараат околу 70.000 евра“, се создава погрешен впечаток кај јавноста и се нарушува угледот и интегритетот на судските службеници.






