Сугарески: Здравствената криза воопшто не влијае на завршувањето на капиталните инвестиции

Сите проекти што ги почнавме во државата се реализираат и здравствената криза воопшто не влијае врз завршувањето на капиталните инвестиции. Посветени сме на реализација на капиталните проекти и моментно низ цела држава се одвива силна градежна офанзива, вклучително и во преспанско-пелагонискиот регион, оцени денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Тој изврши увид на градежните работи на свлечиштето близу преспанското село Штрбово, на местото викано Долги Рид кое се наоѓа на регионалниот пат Макази-Маркова Нога, како и на обиколницата кај Битола каде на државниот пат А3 се гради заштитна ограда.

-Се гради во пелагонискиот регион, ја завршивме реконструкцијата на патот од Тополчани до Прилеп, се гради патот од Кадино село до Галичани, наскоро ќе почне реконструкцијата на патот од Битола до Меџитлија, се обновува регионалниот пат Крушево-Слива-Пуста река и други капитални проекти коишто се одвиваат со одлична динамика, истакна Сугарески.

Потенцираше дека поставувањето на заштитната и високобезбедна ограда со звучна бариера на обиколницата кај Битола ќе ја намали бучавата и ќе ја зголеми безбедноста на населението. Со тековните градежни активности за санацијата на свлечиштето  кај регионалниот пат Макази-Маркова Нога, посочи, проблемот ќе биде решен, а безбедноста на учесниците во сообраќајот и туристите голема.  Овој пат води до граничниот премин Маркова Нога, а министерствата за надворешни работи интензивно разговараат за отворање на преминот, наведе Сугарески.

Директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов информираше дека заштитната ограда во должина од еден километар на обиколницата кај Битола е проект награден во Брисел како пример на звукозаштитна бариера изградена со еколошки материјали.

-Заштитната ограда е со висок коефициент на апсорпција на звукот, направени се од бетонска маса со гумено јадро. Овој концепт претставува економично и еколошко решение за заштита од бучава кое истовремено е едноставно за примена. Средишниот дел ќе биде изработен во различен колорит и на две нивоа, и тоа ќе биде прекрасен дел од овој дел на патот над Битола, истакна Китанов.

Значењето на реализацијата на инфраструктурните проекти во преспанско-пелагонискиот регион го истакнаа и градоначалникот на Општина Ресен Живко Гошаревски и Емилија Костурски, заменик градоначалник на Битола.

Back to top button
Close