SupportKocani: Над 4,5 милиони денари обезбедени за засегнатите лица во трагедијата во Кочани

Граѓанската иницијатива SupportKocani ја информира јавноста за состојбата со донациите и реализираната помош заклучно со 19 август 2025 година. Оваа иницијатива, која беше формирана веднаш по трагичниот настан на 16 март 2025 година во Кочани, продолжува да работи транспарентно, координирано и во интерес на сите засегнати лица и нивните семејства.

Еден од најважните сегменти на помошта е набавката на специјализирана компресивна облека, која е неопходна во долготрајниот процес на третман и рехабилитација на преживеаните од изгореници.

 Прва пратка – 149 парчиња, во вредност од 923.458 денари
 Втора пратка – 43 парчиња, во вредност од 283.802 денари
 Трета пратка – 176 парчиња, во вредност од 2.193.047 денари
Со овие три пратки досега се обезбедени вкупно 368 парчиња компресивна облека, кои веќе се испорачани и предадени на Општата болница во Кочани за користење од страна на преживеаните лица.

Дополнително, значаен дел од средствата се насочени кон директна поддршка на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија – Скопје, како и кон лицата кои се уште се хоспитализирани таму.

Досега се донирани 100 комплети T-LAB PRP KIT и 10 комплети Exomine SMART KIT, со вкупен износ од 267.000 денари, 4 пакувања протеини и 4 пакувања аминокиселини, со вкупен износ од 19.120 денари и сет креми за подобрување на еластичноста на кожата, со вкупен износ од 53.428 денари

Овие материјали се наменети за третман на рани, регенерација на кожата и подобрување на процесот на рехабилитација, со цел полесно и побрзо опоравување на засегнатите лица.

Заклучно со 19 август 2025 година, вкупниот прилив на наменската сметка изнесува 4.594.345 денари.
 Платени трошоци за банкарски провизии: 18.277 денари
 Вкупно реализирани средства: 3.758.805 денари
 Тековно расположлива состојба: 835.540 денари

Сите донации се резултат на поддршката од хумани граѓани, компании и организации од земјата и дијаспората, кои несебично се вклучија во оваа акција.

„Овие бројки не се само финансиски податоци – тие се доказ за солидарност, заедништво и човечка хуманост. Благодарни сме на секој поединец и секоја компанија кои веруваа во оваа иницијатива и помогнаа од срце. Нашата работа не застанува тука – продолжуваме да бидеме тука за засегнатите лица и нивните семејства, сè додека постои потреба“ – велат од иницијативата SupportKocani.

Ветувањата на институциите

На 19 јуни, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, јавно изјави дека „сите здравствени потреби на повредените од Кочани ќе бидат на товар и поддржани од државата на долги стази“, а болницата во Кочани ќе биде централна установа за грижата. Ден подоцна, директорката на болницата, д-р Катерина Паниќ-Мирчовска, најави дека пациентите ќе добиваат и втор сет компресивна облека, бидејќи носењето е задолжително најмалку две години.

Реалноста на терен е сосема поинаква

Прва пратка: на 16 јуни беше доставена облека во вредност од 923.458 денари, платена од донации.

Втора пратка: на 8 јули пристигнаа 43 парчиња компресивна облека изработени по мерка за 17 повредени лица, со вредност од 283.802 денари, повторно донација.

Трета пратка: денес, 18 август, донирана е најголемата набавка досега – вредна 2.193.047 денари.

Со ова, вкупната вредност на трите испораки надмина 3,4 милиони денари (околу 59.000 евра) – сите обезбедени преку донации, иако државата претходно вети поинакво сценарио. Од најавената институционална поддршка, засега не е реализирана ниту една набавка. Повредените продолжуваат да ја добиваат неопходната облека исклучиво преку солидарноста на граѓаните и дијаспората.

Back to top button
Close