Св.Кирил и Методиј и гордите словенски народи

„Не паѓа ли од Бога дожд исто за сите? Не грее ли и сонцето врз сите? Не дишеме ли сите исто воздух? Како не се срамите што признавате само три јазика и сакате сите други племиња да бидат слепи и глуви?” Овие зборови Константин Филозоф, подоцна Св.Кирил, ги изговорил во заштита на правото на словенските народи да го слават Бога на својот јазик. Неговите зборови ја имаат длабочината на јазикот на Евангелието. Тој ги потсетува христијаните, кои дотогаш сметале дека трите свети јазика на христијанството се само еврејскиот, грчкиот и латинскиот, дека Бог е тој што дарува и дожд и сонце и воздух, за сите подеднакво. А доколку тие што не ги разбираат овие три јазика немаат можност да го слушнат и разберат Евангелието, да го слават Бога и да му благодарат на својот јазик, тогаш ним им е ускратена можноста да ги чујат, да ги прочитаат и да ги разберат Христовите заповеди. А тој што не го познава Божјето слово е „глув и слеп“. Св.Кирил и Методиј се рамноапостолни светители токму затоа што тие одговараат на заветот на Христа за Апостолите: да го шират Евангелието меѓу сите народи. Нивното дело е апостолско, затоа што тие ја продолжуваат христијанската мисија кај словенските народи.

Затоа кога денес се говори за нивното дело според поимите на модерната нација, тоа во целост противречи на самосвеста на христијаните како Св.Кирил и Методиј. Имено, за христијанинот родот и потеклото стануваат второстепени, затоа што тој припаѓа на „новиот род“. На народот Божји, а тоа е Црквата Христова. Св.Кирил и Методиј се вложуваат себеси и своите дарби во служба на црквата за да им го отворат патот на словенските народи и тие со крштевањето да станат дел од народот Божји. Овој аспект денес ретко се истакнува, дури и кога во пригодните говори се раскажува за нивната Брегалничка или Великоморавска мисија. Причината за тоа е што од мигот кога словенските народи во 19-от век ја прифаќаат западноевропската идеја за нацијата, за националната држава и за националната црква, мисијата на Св.Кирил и Методиј почнува да се третира како световен просветителски проект. Народот и нацијата почнуваат да се доживуваат како „најсветото“ нешто за секој човек. Во борбите за националните држави и нови територии безмислосно се убиваат припадниците на другите словенски православни народи. А во новите национални држави се применува жестока асимилација на припадниците на словенските православни народи кои уште немаат своја национална држава. Нацијата стана апсолут и највисока вредност.

Сето тоа се‘ повеќе ги оддалечуваше словенските народи од првобитниот христијански дух во кој Св. Кирил и Методиј ја создадоа азбуката за црковнословенскиот јазик. Тој не беше говорен, туку богословски и литургиски јазик. Секако, азбуката го постави темелот на словенската писменост, но таа, пред се‘, на Словените требаше да им ги отвори „очите“ да го прочитаат и да им ги отвори „ушите“ да го чујат Христовото слово во Евангелието. За да не бидат повеќе „слепи“ и „глуви“. Тоа е суштинската цел на нивната мисија, во еден христијански свет кој уште не е поделен на Исток и Запад. За тоа сведочи фактот што светите литургиски книги во превод на црковнослеовенскиот јазик, кои Св.Кирил и Методиј ги донеле со себе во Рим, биле осветени во црквата Санта Марија Маџоре.

За разлика од денешниот тесноград национален дух на многу словенски народи во кој нацијата се сакрализира во „Небеска Србија“ или се персонифицира во „Мајка Русија“, духот што ги води овие големи светители е оној на христијанската црква – Светиот Дух. Затоа се вели дека Евангелието на црковнословенски беше преведено со помош на Светиот Дух од свети луѓе. Тоа, всушност, ги задолжува сите словенски народи на голема благодарност и почит кон Св.Кирил и Методиј и кон нивните ученици. Руската поетеса Олга Седакова напиша 2015-та по повод 24 мај дека стануваме свесни за величината на рамноапостолните Св.Кирил и Методиј само во мерата со која им благодариме. Зашто тие направиле нешто многу поголемо од самото создавање на азбуката. „Тие од плазмата на усните дијалекти го обликуваа новиот јазик – и со тоа го отворија патот на новата цивилизација која филолозите ја нарекуваат Slavia Orthodoxa (православно словенство). На листовите на првите словенски кодекси веќе спие тоа ќе се пројави во лириката на Пушкин, во прозата на Лав Толстој…”, заклучува таа. А јас би додала и сето тоа што ќе се пројави во прозата и поезијата на сите словенски јазици! Со право таа додава дека за народите без писменост нема историја во денешната смисла. Историјата на словенските народи, според неа, започнала во храмот Св.Климент каде што се светите мошти на Св.Кирил. Тоа е значајно да се истакне, затоа што утврдувањето на старословенскиот како литургиски јазик се случи во епохата на неразделената христијанска црква.

Да не беа словенските народи денес толку вљубени во себе, немаше да им биде толку тешко заедно да го слават споменот на Св.Кирил и Методиј. Тие немаше да инсистираат на ексклузивноста на својот јазик, на својата историја како „надисториска објективна вистина“, тие намеше да водат „метафизички војни“ против православните словенски браќа, како Русија против Украина. Тие немаше да го негираат јазикот на својот словенски сосед, како што со децении Бугарите го негираат македонскиот јазик. Тие уште ќе паметеа дека на сите словенски јазици им е дарувано јазичното богатство кое е овозможено од Св. Кирил и Методиј и од нивните следбеници со словенската азбука и со црковнословенскиот јазик. Од тој непресушен извор потоа се родија и се збогатуваа сите словенски јазици. Модерните словенски јазици ја имаат легитимацијата во тој прв урнек и во неизмерното богатство од наречја и дијалекти на просторите каде што живеат словенските народи.Тој извор беше доволно длабок и доволно богат со јазичен потенцијал за да овозможи од него да се обликуваат јазиците на сите словенски народи. И на Македоците! Всушност, би можело со право да се рече дека јазикот на кој може да се слави Бог, да се создава жива богословска и филозофска мисла, да се твори вдахновена литература, му останува верен на духот на кирило-методиевската традиција. Тогаш тој словенски народ може лесно да најде „заеднички јазик“ со својот словенски сосед.

Затоа, кога денес некои народи го „конфискуваат“ делото на Св.Кирил и Методиј за „славата“ на историјата на само својата нација и никако не сакаат да ја споделат со другите словенски народи, тогаш овие народи забораваат дека тие ја создадоа азбуката за да им помогнат на сите Словени на својот јазик да го слават Бога. Затоа што за двајцата византиски благородници сите луѓе беа браќа. Затоа што не им беше важна славата на народот и родот, туку славата Христова. Словенските народи вистински би ги славеле сесловенските просветители кога кон другите словенски народи би се однесувале според христијанската заповед на љубовта. Дали според таа заповед денес се однесува Русија кон Украина? Кога словенските народи денес уште би живееле со христијанската љубов кон ближните, бугарските политичари немаше да им го отежнуваат патот на Македонците во ЕУ. Што би рекле денес Св.Кирил и Методиј за нас, словенските народи? Сочувствуваме ли како христијани со неволјата на другиот народ како што сочувствуваа тие со словенските народи кои немаа можност да го чијат словото Христово? Тие токму затоа ги преведоа литургиските книги на црковносвенски. За да можат и словенските народи да го слават Бога. Не својата нација, народ и култура, туку Бога, кој дарува и дожд и сонце и воздух подеднакво за сите. На тоа треба да не‘ потсетува секоја година 24 мај, а не на политичките суети и на националните фиксации на словенските народи. Паметењето на делото на Св.Кирил и Методиј треба да не‘ прави се‘ поотворени за дијалог со другите словенски јазици, кои тогаш би ги доживувале како блиски не затоа што биле „плагијат“ на нашиот мајчин јазик, туку затоа што сите словенски јазици црпат од тој силен вруток, осветен со подвигот на двајца големи светители, во слава на Бога. Колку творечки би бил тој дијалог, во кој во навидум туѓото секогаш одново ќе го откриваме ближното! И ќе ги преведуваме и разлачуваме сличностите и разликите во нашите јазици како тајни знаци на еден невидлив јазик, поголем од сите видливи јазици. Оној јазик, кој како пламени јазици се спуштил врз Апостолите на Педесетницата. Силен како огнот, кревок како благоуханието на расцутената природа во пролет. (Дојче веле)

Кица Колбе

 

Back to top button
Close