Свечља: Нападите продолжуваат од манастир во Бањско, напаѓачите се опколени

Тој вели дека напаѓачите – според него „организирани и диригирани криминални групи од Белград“

Косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечља изјави дека од време на време од различни позиции продолжуваат нападите врз косовската полиција на северот на земјата, каде денеска загина еден полицаец, а друг беше повреден, јави дописникот на МИА од Приштина.

Свечља тврди дека поголем број напаѓачи се забарикадирани во православниот манастир во Бањска, во областа во северно Косово населена со мнозинско српско население, каде што се случи убиството, и дека тоа го потврдува со официјално соопштени самата и Рашко-призренска епархија.

Тој вели дека напаѓачите – според него „организирани и диригирани криминални групи од Белград“ – се опколени од косовската полиција и на истите им порача да се предадат.

– Добро организирани и диригирани криминални групи од Белград, откако со тешки возила го блокирале мостот и го спречиле пристапот до селото Бањска, им поставија заседа на полициските единици, при што загина полицискиот наредник Африм Буњаку, а други двајца полицајци биле повредени и нивната состојба е стабилна, напиша Свечља на својот Фејсбук.

Според косовскиот министер за внатрешни работи, „нападот дојде и сè уште трае од подготвени професионални единици со состав од над 30 лица“.

Според Свечља, станува збор за униформирани, маскирани и воено опремени лица со оклопни возила и тешко вооружување од различен тип.

– Изворот на вооружените напади е манастирот во Бањска кај Звечане и неговата околина. Нашите полициски единици се активирани на терен и од време на време се напаѓаат со огнено оружје од различни позиции, од организирани и тешко вооружени групи, напиша Свечља.

Тој ги повика напаѓачите да се предадат, бидејќи се опколени од косовската полиција.

– Голем број од нив се забарикадирани внатре во манастирот во Бањска и според официјалните изјави на Рашко-призренската епархија. Овие терористи се опколени од полициски единици и крајно време е да се предадат, порача Свечља.

Back to top button
Close