Сведок на пожарот во Швајцарија: „Ова ќе ме следи цел живот“

Француски турист кој сведочел на пожарот во швајцарскиот Кран-Монтана раскажува за драматичните сцени и помошта што ја пружиле пред пристигнувањето на службите. Вели дека траумата ќе ја носи цел живот.

Размерите на страдањето на кои сведочел по пожарот во швајцарскиот Кран-Монтана длабоко го потресле 22-годишниот француски турист кој се нашол на местото на несреќата. Жереми Ална раскажа дека тој и неговите пријатели биле меѓу првите кои им помагале на повредените, уште пред пристигнувањето на итните служби, а сцените на кои биле сведоци, вели, ќе го прогонуваат цел живот.

Слушавме ужасни врисоци“

Ална во видео-интервју за Reuters опиша како сосема случајно наишле на местото на катастрофата.

„Луѓето беа во толкава неволја што можевме да слушнеме силни, страшни врисоци“, изјави тој.

Веднаш, вели, притрчале на помош. „Двајца мои пријатели отидоа по нив. Без двоумење влегоа во барот и извлекоа човек што го најдоа на подот. Го изнесоа надвор. Еден од моите пријатели остана со него еден до еден и пол час, постојано повторувајќи му: ‘Ќе биде сè во ред, не грижи се’“, ги опиша драматичните моменти.

Додека помагале на тешко повредениот маж, останатиот дел од друштвото трчал низ градот за да обезбеди ќебиња и вода за другите жртви.
„Трчавме низ целиот град, до околните барови, за да најдеме ќебиња и вода“, се присети тој.

„Луѓето беа многу благодарни. Ја дадов и мојата јакна. Видов дека навистина им беше потребна помош.“

„Сликите ќе останат засекогаш“

Младиот Француз раскажа и дека само еден ден претходно бил во барот Le Constellation, кој го опиша како тесен подрум до кој се стигнува по мало скалило. Но, сцените што ги затекнал по пожарот засекогаш му се врежале во сеќавањето.

Она што најмногу ме шокира се сликите што ми останаа – луѓе тешко повредени од пожарот. Некои не можеше ни да се препознаат“, рече Ална.
„Мислам дека ќе бидам трауматизиран до крајот на животот.“

Извор: trn.mk

Back to top button
Close