Сведоштво на тинејџер за ужасот во швајцарскиот бар – жртвите не чувствувале дека лицата им се изгорени

Нови детали и застрашувачки сведоштва излегуваат на површина по трагичниот пожар во барот „Ле Констелејшн“ во Швајцарија. Деветнаесетгодишниот Оскар, кој бил сведок на настанот, за медиумите го опиша хаосот и паниката што настанала кога стотици млади луѓе останале заробени во преполниот објект.

„Лицата им беа целосно уништени“

Тинејџерот раскажува дека се обидувал да влезе во барот непосредно пред несреќата, но се откажал бидејќи внатре било преполно. Набргу потоа, започнал пеколот.

„Настана општа паника. Многу луѓе се обидуваа да истрчаат надвор. Удираа по прозорците, врескаа. Изгледаше како сцена од хорор филм“, вели Оскар. Тој додава дека стаклата на прозорците биле премногу дебели за да се скршат, по што луѓето почнале да паѓаат едни преку други во обид да стигнат до излезот.

Најпотресниот дел од неговото сведоштво се однесува на тешките повреди на преживеаните.

„Кај некои луѓе лицата беа целосно изгорени, буквално ги немаше. Ме прашуваа: ‘Изгорен ли сум? Дали ми е изгорено лицето?’. Мислам дека поради адреналинот не чувствуваа ништо, иако изгорениците беа страшни“, раскажува момчето.

Блокирани излези и паника

Според сведокот, гужвата во барот била толку голема што евакуацијата била речиси невозможна во првите моменти. Ова сведоштво ги потврдува првичните претпоставки на истражните органи дека големиот број жртви и повредени се должи на преголемата концентрација на луѓе во затворен простор со ограничена можност за бегство.

Потсетуваме, официјалните бројки од италијанските и швајцарските власти укажуваат на најмалку 47 загинати и над 100 повредени, од кои многумина со изгореници од највисок степен (4news)

Back to top button
Close