Свесни сме за направените грешки, ветувам дека нема да ги повториме – порача Ковачевски од митингот во Скопје

Двојните избори (претседателски и парламентарни) на 8 мај се последниот повик за Европа и од тоа нема да се откажеме, порача лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски од вечерашниот завршен минитинг на „Коалицијата за европска иднина“ во Скопје.

Говорејќи во тој контекст, тој рече дека членството за земјата во Европската Унија е единствениот начин за суштински промени во државата.

Тој порача дека одо овој пат нема да се откажат, како што во изминатите седум години не се откажале од справувањето со кризи со кои се соочиле како влада.

„Се соочивме со многу предизвици. Кога се боревме со сите кризи, со пандемијата, со инфлацијата, со енергетските проблеми! Знаете и самите дека имавме многу подеми и многу падови. Но, во ниту еден момент, ниту се откажавме, ниту се предадовме, ниту се повлековме. Бевме рамо до рамо со граѓаните…И бидете горди што покажавме на делот дека социјалдемократијата и СДСМ беа оние кои ги заштитија граѓаните, кои буквлано ја спасија земјата од колапс“ рече лидерот на СДСМ на митингот во Скопје.

Ковачевски посочи дека вистинските социјалдемократи се на овој собир, а не оние кои се „ујдисаа со наследниците на Ванчо Михајлов и кои планираат да им зададат удар на вистинските социјалдемократи.

„Ама овие социјалдемократи се направени и настанале 1943 година, а оние социјалдемократи оние кои лажно се претставуваат дека знаат што е социјалдемократија па затоа се крстиле веројтно и ЗНАМ, тоа се лажни измислени во 2021 година, во Белата палата на 200 метри од тука“рече лидерот на СДСМ.

Во обраќање пред присутните тој рече дека не бегаат од одговорност и оти се за кадровските, политичките и коалициските грешки и за разлика од Мицкоски и Груевски, СДСМ не бега и не се крие.

„За направените грешки, ние ја добивме казната. Потполно сме свесни за тоа и ја примивме пораката со достоинство и со почит. И вие видовте и самите, грешките ги прифативме, лекцијата ја научивме. И затоа, сакам да ви порачам од тука, јасно и гласно: ако ја добиеме довербата од граѓаните, тоа повеќе нема да се случува. Тоа е моето ветување до вас“ изјави Ковачевски.

Актуелниот претседател на државата и кандидат за втор мандат на функцијата, Стево Пендаровски, која е поддржан од СДСМ на митингот рече оти е сигурен дека на 8 мај ќе се извојува двојна победа.

Тој ги повика скопјани, но и сите граѓани на државата да размислат кому ќе ја дадат довербата в среда бидејќи, како што рече, ако се дограба ВМРО-ДПМНЕ до власт, последиците можат да бидат непоправливи и на среден и на долг рок, бидејќи според него тоа се луѓе без политичко искуство да водат држава, град или општина.

„Кога ќе ги прашате што ќе правиме со нашето членство во НАТО, кое самите во својата програма го ставија како најголема вредност и најголема контрибуција за безбедноста на Македонија, тие велат ќе го почитуваме Преспанскиот одговор, но никогаш нема да изговориме Северна“,рече Пендаровски.

За политичките опоненти тој рече дека немаат ниту еден конкретен одговор за нашите најголеми стратешки проблеми и дилеми.

„Велат немало да ја менуваат Европската преговарачка рамка, таа ќе останела како што е, меѓутоа ќе барале за возврат од Бугарија да исполнува одлуки на судот во Стразбур. Кога ќе и предочите на госпоѓата дека не е можно од 1957 кога е направена ЕУ, до ден денешен, земја која е кандидат, која не е членка, да условува земја која е членка на ЕУ и кога ќе и кажете дека солидарноста меѓу земјите членки е примарна, не кон оние кои не се членки, таа само превртува со очи и буквално ништо не ви одговара“рече Пендаровски.

Тој ги повика граѓаните на 8 мај масовно да се мобилизираат и да покажат, како што рече, дека знаат да се грижат за себе и за иднината на своите деца.

„Да ја зацементираме иднината на Македонија на магистралата која води кон Европа и развиениот свет, со заокружување на бројот 1, во масовна бројка да им покажеме на оние кои ја замислуваат Македонија како нивна, приватна држава дека нема да успеат“,порача Пендаровски.

Back to top button
Close