Света Софија и Турција во фокусот на средбите на Анастасиадис со грчкиот државен врв

– Координација во пресрет на Самитот на ЕУ, заедничка реакција наспроти турските активности, а секако и одлуката Света Софија да стане џамија се најдоа во фокусот на средбите што претседателот на Кипар Никос Анастасиадис ги имаше во Атина со неговата грчка колешка Катерина Сакеларопулу, како и со премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Во однос на Света Софија, Мицотакис порача дека не станува збор за грчко-турско прашање, ниту пак за европско, туку за светско прашање, а Анастасиадис истакна дека Света софија им припаѓа на оние кои го почитуваат културното наследство.

– Историјата подучува дека светското наследство не може да биде натпревар за надвладување меѓу државите и дека на крај, спомениците не се понижуваат, туку ги понижуваат оние кои не ги почитуваат. Света Софија е поголема од сите и ги надминува сите, нѐ надминува сите, порача Мицотакис, кој додаде дека „пред оваа непотребна иницијатива на Турција, Грција ги разгледува иницијативите на сите нивоа“.

Грчкиот премиер истакна дека се поставува и прашањето дали Света Софија сега ќе може да ги задржи посебните привилегии на светски културен споменик на УНЕСКО.

Претседателот на Кипар рече дека ќе дејствуваат заедно, а со нив и сите цивилизирани луѓе, како и политичарите и граѓаните.

– За да се испрати силната порака дека е незамисливо, во модерни времиња да без мерка, да се презира културното наследство, порача претседателот на Кипар.

Во однос на активностите на Турција, Мицотакис и Анастасиадис истакнаа дека постои координација, а Грција и Кипар имаат еднакви ставови, порачувајќи дека тие поддржуваат дијалог.

– Нема да дозволиме да преовладува она што го сака Турција, односно да попуштиме пред провокацијата за да се создаде непотребна криза. Тоа што заеднички ќе сториме е да видиме како ефекасно ќе се активира Европската унија. Конкретно, ќе се повикаме на чувствителностите на европските партнери, не само за кршењето на меѓународното право и за европските принципи и вредности, туку и за она што никој не очекуваше го направи една светска држава, односно Света Софија да ја претвори во џамија, порача Анастасиадис.

– Обединета и одлучна, Европа веќе мора да одреди една конкретна листа со активности и санкции за земјата која сака да има улога на локален бељаџија, но и да се развива во закана за стабилноста за целиот регион на Југоисточниот Медитеран, истакна Мицотакис и додаде дека Грција и Кипар никогаш не одбиле дијалог со Турција, но тој треба да биде базиран на меѓународното право, принципите на добрососедство и почитување на суверените права на сите земји.

На средбата, станало збор и за новиот Фонд за закрепнување на Европската унија што ќе биде една од темите на Самитот на ЕУ во петок, а и за ова прашање, било констатирано дека двете земји се со исти позиции.

Претседателот на Кипар, кој е во еднодневна посета на Атина, утрово оствари средба и со претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, која рече дека „Грција, Европската Унија и меѓународната заедница мора да се мобилизираат со сите соодветни средства за да се врати историската вистина и да се зачува универзалниот карактер на Света Софија“.

Грчката претседателка кон крајот на септември ќе го посети Кипар, откако претходно, поради пандемијата беше откажано патувањето.

Back to top button
Close