Светлана Јовановска ја крена филхармонија на нозе со шлагерите на Нина Спирова
Блескавата ѕвезда на македонското естрадно небо, Светлана Јовановска, вчера во Македонска Филхармонија имаше свој солистички настап по повод 76 години од ослободувањето на Скопје.
Со својот раскошен вокал, стас и харизматична појава, нешта кои никого не оставаат рамнодушен веќе 15 години колку што е активно присутна на музичката сцена, таа исполни шест песни од богатиот репертоар на нашата музичка икона со незаборавен глас, Нина Спирова: ,,Езеро мое”, ,,Зборувај ми за Скопје”, ,,Еден бакнеж”, ,,Ако отидеш”, ,,Благодарам” и ,,Љубов од минатото”. Концертот во Филхармонија беше оддржан според сите протоколи за заштита од КОВИД-19. ,,Скопје мое најсакано, ти повторно радост ќе бидеш!
Неизмерно благодарам за укажаната чест да настапам во Македонската Филхармонија по повод 76 годишнината од ослободувањето на мојот роден град. Среќа, емоции, треперење, по некоја солза и топлина во душа за сè она што било и љубов кон себе и околу себе за сè она што следи!”, напиша Јовановска на својот ФБ профил. На годинашниот ,,Макфест” настапи со нумерата на Ристо Самарџиев – ,,Колку љубам јас”, со која ја освои целосно публиката. Јовановска, освен што настапува солистички, дел е од групата ,,Саут парк”.
Своите први музички почетоци ги имаше на ,,Златно славејче”, а беше дел и од сителовото шоу – ,,Сител бамбини”.
Јорданка Ивановска