Светлината од  Курбиново!

Во 1991година во времето на првата експертска влада на самостојна Македонија, прв министер за култура беше академик Цветан Гроданов. Неговото министерување се совпадна со значајниот јубилеј- “800-тини години Курбиново 1191-1991година”. Исклучително значаен јубилеј кој во професионалната кариера на  малкумина  се случува само еднаш.

По тој повод беше предвидено објавување на монографија за  црквата и голема прослава. Датумот на  прославата се менуваше неколку пати затоа што беше потебно да се направат   подготвителни работи  за достојна презентација  на црквата.

 

За потребите на  монографијата во  текот на летото се изработуваше графичка документација  на живописот  во размер 1:1. Тројца сликари конзерватори (Ј.А. Ѓ.Ц. и Б.П.)  преку прозирен најлон ги испишуваа лините на цртежот на облеката и орнаментите на  светителите и композициите, а само еден (В.Т.) ги испишуваше линиите на ликовите и рацете. Јас ги испишував сигнатурите. Бевме одлична усогласена екипа која работеше  скоро два месеци  во објектот со кој почнавме да се спријателуваме, посебно со живописот заради потребата од внимателно, прецизно набљудување на секоја трага од цртеж и буква која  ја пренесувавме на најлонот.

Работевме на скудно светло од генератор, затоа што во црквата немаше струја. Додека работевме во црквата многу често не’ посетуваше министерот за култура академик Грозданов со кого водевме долги разговори за дилемите околу бројот на мајсторите на живопиост дали е  еден или двајца зографи, за ктиторската композиција и многу други прашања. Како денес паметам,   колку посакуваше нешто ново да се објави за Курбиново алудирајќи  на  мојот текст кој одеше во три продолженија во ЛИК на Нова Македонија. Имаше право,затоа што текстот кој беше објавуван  на покана на редакцијата на овој весник,  содржеше одамна познати работи за Курбиново, елаборирани и публикувани во докторскиот труд на Лиди Хадерман Мизгвиш (Lydie Hadermann-Misguich,Brussels1975).

На почетокот на октомври, во пресрет на утврдениот датум на прославата, ги привршувавме работите. Останаа уште неколку претстави на светители насликани на јужниот ѕид во ѓаконикот кои требаше да се проверат, за да го тргнеме најлонот од ѕидот. Кај две претстави  на светители под најлонот забележав  траги од сигнатури. Иако тешко ми одеше читањето, направив  напор и почнав со испишување на сигнатурите  од крајот, наместо од почетокот. За среќа, рефлексите кои се отсликуваа  од светлото врз најлонот ми ововозможија да ги видам трагите од сигнатурите со имињата на Св.Кирил и Св.Методиј! Каква радост! Какви бурни емоции и радост на целата екипа, затоа што стануваше  збор за идентификација на најстарата заедничка претстава на сесловенските просветители.

Идентификувањето на сигнатурите на сесловенските просветители не’ мотививираше заедно со екипата внимателно да ја проследиме типологијата на другите двајца светители насликани како нивни пандан на северниот ѕид од проскомидијата, на кои немаше никаква трага од сигнатури. Тогаш ја изложивме претпоставката за претставите на светителите од охридската диецеза, Св. Климент и Св. Еразмо Охридски! Идентификувањето на претставите на Св. Кирил и Св. Методиј, Св.Климент и Св.Еразмо(?), како и претставата на охридскиот архиепископ Јован Каматир од ктиторската композиција, направи  пресврт во светската  историографија  и фрли нова светлина на карактерот на програмата во Курбиново! Таа година, одбележувањето на големиот јубилеј на Курбиново беше збогатено со новото  епохално откритие, дотогаш непознато во научната јавност!

Таква е работата на конзерваторите на терен! Полна со предизвици  и отворени можности за откривање  нови драгоцени податоци. Да се биде конзерватор не е обична работа.Тоа е своевиден повик и посветеност со големо чувство на одговорност во  зачувувањето  на вредностите кои ти се предадени на чување. Секоја конзерваторско-реставраторска  активност  која се реализира носи посебни предизвици а секој предизвик  бара  посебен пристап во решавањето. Некои работи одат полесно, некои се исклучително сложени, но во целина сите тие во кариерата на еден конзерватор прават одредена полнота.Секој од нас трајно  носи дел од спомениците на кои работел. Мене ми падна во удел Курбиново,  со кое се поврзав не само преку Св.Кирил и Методиј. Богатата и неисцрпна содржина  не може да се стави ниту  во една монографија, ниту во сите досега напишани текстови…сиот тој динамис и светлина која извира од симболите и  живите слики, оплеменува и постојано открива нови содржини и значења! И секогаш кога ќе помислам на Курбиново, душата ми се исполнува со милост! Од  Курбиново добив дар кој ме обврза да се грижам и да го чувам! Но не само јас.Секој што влегол во Курбиново,понесува   дар а некои со особено чувство го нарекуваат “моето “ Курбиново!

Од тука и мојата загриженост е нагласена, понекогаш можеби пренагласена, ги споделувам моите  чувства како личен однос со пошироката јавност:  со многу внимание да го чуваме и одржуваме изворот од кој сите пиеме!

Од истите причини  упатувам уште еден  апел  до министерката за култура со укажување  дека  е недозволиво  на Курбиново да се вршат конзерваторско-реставраторски работи на начин кој отстапува од добрата конзерваторска пракса!

Прогласувањето на Курбиново за културно наследство во опасност требаше да резултира со адекватни  превентивни мерки за времено обезбедување на објектот. Бидејќи тоа не е направено, се појавува сомневање  во оправданоста, целта и смислата за  донесување на ова решение.Многу отворени прашања на кои допрва треба да одговори министерката Ирена Стефоска! Но, едно е јасно.Значењето на Курбиново е огромно и неговите вредности не смееме да ги ставаме  во залог заради задоволување на нашите суети!

Донка Барџиева Трајковска

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close