Светот се самоубива!?
Мерсел Биљали
И кај американските конгресмени, слободата на говорот е претворена во минута молчење!

Трамп ја уништува Америка и нејзината позиција во светот, но и опасно го нарушува и уништува меѓународниот поредок, што подразбира минимум општоприфатени правила и принципи за светот да може да дише. Неговиот брутален „трансакционизам“ го турка светот во опасна шума каде што важат законите на џунглата. Посилниот мора да биде многу сит дури и ако милиони други умираат од глад. Само тогаш дивото толкување на законот на најсилниот во поедноставена верзија на теориите за сферите на интерес ќе биде валидно. А тоа бара вешт државнички дух, бидејќи светскиот поредок не се раѓа, туку се создава. Се чини дека стариот светски поредок умира, a новиот се бори да се роди. „Ова е време на чудовишта“, рече Антонио Грамши кон крајот на Првата светска војна.
Светскиот поредок што се појави по Втората светска војна всушност се состоеше од три вида поредок. Едниот произлезен од Студената војна меѓу САД и Советскиот Сојуз. Тоа беше груба рамнотежа на воена моќ, поткрепена со нуклеарно одвраќање. Двете страни покажаа одреден степен на воздржаност во нивното соперништво. Вториот започна со процес наречен „Детант“ – термин за ублажување на тензиите. Третиот почна да функционира по падот на комунизмот во Европа и СССР, кога Варшавскиот пакт практично и формално се распадна. Новото лице на поредокот сега беше Хелсиншката декларација (Повелба) од 1975 година.
Денес сме во состојба на меѓупоредок. За среќа сè уште живи. За време на Студената војна, земјите-членки на НАТО и Варшавскиот пакт учествуваа со над 80 проценти во светскиот БДП и околу 80 проценти во светската воена моќ. Имаме плус нови играчи – Кина, Индија, Турција, Саудиска Арабија, Иран, Израел, Катар, Египет, Обединетите Арапски Емирати и други. Индија, најголемата земја во светот по население, со нуклеарно оружје и брз развој, не е постојана членка на Советот за безбедност на ООН, додека ослабената мала Франција е!
Вториот повоен поредок беше либерален поредок кој функционираше паралелно со поредокот од Студената војна. Демократиите беа главни учесници во овој напор, во кој финансиската помош и трговијата се користеа за зајакнување на врските и изградба на владеење на правото во рамките на државите и меѓу нив. Економската димензија на овој поредок беше дизајнирана да создаде свет во кој слободната трговија ќе стане двигател на економскиот раст и ќе ги поврзува државите на начин што ќе ја направи војната бескорисна. Доларот беше прифатен како де факто светска валута.
Дипломатската димензија на постоечкиот светски поредок им даваше на Обединетите нации големо значење. Идејата беше дека само постојан светски форум може да спречи или реши меѓународни спорови. Советот за безбедност на ОН, со своите пет големи сили како постојани членки и дополнителни места за ротирачки членови, ќе ги оркестрира меѓународните односи. Но, поредокот зависеше и од подготвеноста на сега некомунистичкиот свет (главно сојузниците на Америка) да ја прифатат американската супериорност. Како што се испостави, тие беа спремни да го сторат тоа бидејќи Соединетите Американски Држави во тоа време генерално беа перцепирани како релативно добронамерен хегемон, почитуван и за тоа што самите беа дома и за тоа што го правеа во странство.
Поредокот сепак не успеал!
Иако самата Студена војна одамна беше завршена, поредокот се распаѓал постепено, делумно затоа што западните напори за интегрирање на Русија во либералниот светски поредок не успеал. Еден знак за падот на поредокот беше инвазијата на Садам Хусеин врз Кувајт во 1990 година, нешто што Москва сигурно ќе го спречеше години порано, врз основа на тоа дека е премногу ризично. Иако нуклеарното одвраќање сè уште важел, некои од договорите за контрола на оружјето што го поткрепувале беа раскинати. Иако Русија избегнуваше каква било директна воена конфронтација со НАТО, таа сепак покажа растечка подготвеност да го наруши статус-квото во светот, преку употребата на сила врз Грузија во 2008 година, во Јужна Осетија, и во Украина од 2014 година, потоа нејзината често неселективна воена интервенција во Сирија и нејзината агресивна употреба на кибервојна за да влијае на изборите во САД, Европа и на други региони. Сето ова претставува отфрлање на фундаменталните ограничувања поврзани со тогашниот поредок. Од перспектива на Русија, истото може да се каже и за проширувањето на НАТО, иницијатива што јасно е спротивна на мислењето на Винстон Черчил: „По победата – треба великодушност“. Се случи војната против Ирак во 2003 година, интервенцијата во Либија во 2011 година, кои од Русија беа оценети за некомпатибилни со нејзиното разбирање на идејата за светски поредок. Честопати, моќните земји се гордеат со лидери од кои нормалниот свет би се срамел!
Либералниот поредок почна да ги покажува своите симптоми на распаѓање. Авторитаризмот почна да забележува пораст, не само во земјите каде што беше јасно видлив, како што се Кина и Русија, туку и во Источна Европа, на Филипините, Турција итн. Светската трговија се зголеми, но рунди трговски преговори завршија без договор, а Светската трговска организација (СТО) се покажа како неспособна. Ставовите на Индија за меѓународниот поредок исто така еволуирале од Џавахарлал Неру до Атал Бихари Ваџпаи, па до Манмохан Синг и Нарендра Моди.
Слон во трговски центар!
Дали претседателот Трамп има доктрина или стратегија што сака да постигне (а тоа да е можно), или едноставно е слон во трговски центар?! Неговите неореакционерни и либертаријански поддржувачи на „темното просветлување“ како Илон Маск и Питер Тиел веруваат во распаѓање на државата. Ја фаворизираат белата супремација во име на „расниот реализам“, а демократијата ја сметаат за „рен“, и јасно посакуваат корпоративните лидери да ја остварат вистинската моќ – „забрзување на капитализмот до неофашистичка точка“. Овие поддржувачи го турнаа Џ.Д. Венс во Сенатот и во потпретседателската функција и ја финансираа втората победа на Трамп. Нивната „стока“ добро се продава во услови насилно раселување на луѓе од југот.
Во пракса, Индија беше тактички претпазлива во врска со обврзувањето по прашања од меѓународниот поредок. Таа се приклучи на мултилатералната група – БРИКС и на Шангајската организација за соработка, додека истовремено гради стратешки партнерства со САД и Јапонија!
Макрон се прецени, но се понижи себеси!
Макрон изгледа на Трамп му беше антипатичен уште во мај 2017 година, кога Трамп првпат го прими во Белата куќа, тогаш како новоизбран претседател на Франција. Макрон, сè уште политички почетник, го издржа озлогласеното долго ракување на Трамп речиси цела минута. Пораката беше јасна: францускиот претседател да ја разбере разликата меѓу почитта и потчинувањето. Понекогаш подобро е да го изгубиш вистинскиот пат отколку да го пронајдеш погрешниот.
Но, деновиве во Давос, Макрон предизвика смеа кај публиката кога кажа дека „живееме во време на мир, стабилност и предвидливост“. Но, потоа тонот го смени и продолжил за „светот во кој нема правила, а Европа мора повторно да се наметне, оти прифаќањето на нов колонијализам нема смисла“ – рече тој, мислејќи на Гренланд. За време на своите говори, Трамп често навредливо го имитирал францускиот акцент на Макрон, јавното објавувајќи ги пораки кои Макрон лани му ги пратил нему!
Ставот на претседателот Доналд Трамп во врска со Гренланд неповратно ги промени трансатлантските односи, дури и откако тој во среда се повлече од своите закани за преземање на данската автономна територија од страна на САД, па се понуди да го купи најголемиот остров на светот. Германскиот канцелар Фридрих Мерц ја повика Европа да ја обнови својата доверба во НАТО, позиционирајќи го алијансата како клучен за континентот – и за САД – за да се снајдат во нов светски поредок кој сè повеќе е диктиран од позиција на сила. Самиот НАТО сојуз датира од пред 77 години, во кој период американските и европските безбедносни структури се испреплетени. Довиле Шакалиене, литвански пратеник и поранешен министер за одбрана, рече дека тие сега се толку меѓусебно поврзани што секое разделување би било „како разделување на сијамски близнаци со сосема можна сигурна смрт за двајцата“.
Во меѓувреме во Американскиот конгрес се појавија незадоволници, дури и во редовите на републиканските сенатори и конгресмени, па Трамп изгледа си се издал себеси. Но, предоцна! Мислејќи дека е прерано за зборење, стана предоцна за молење. Дека сепак е еден плашливец! Изгледа дека некој спомнал импичмент. Но, Трамп сепак ќе го преземе Гренланд, ама ќе мора добро да плати. Тој е фрустриран што не ја доби Нобеловата награда за мир, па ја грабна од Мачадо, иако Нобеловиот комитет јасно стави до знаење дека таа не е пренослива! Па, штом го направите нормалното невозможно, ќе ја правите пропаста неизбежна. Како тоа во Газа сега.






