Светот во 2020: ЕУ од Римскиот договор до брегзит, 60 години европска градба

Првиот камен на европската конструкција е поставен на 9 мај 1950 година од страна на Роберт Шуман, француски министер за надворешни работи, предлагајќи и на Германија, само пет години по нејзината капитулација во Втората светска војна, да го интегрира француското и германското производство на јаглен и челик во организација отворена за сите европски земји.

Договорот од Париз за основање на Европската заедница за јаглен и челик беше потпишан на 18 април 1951 година. Се роди Европа на „Шестмината“ (Германија, Белгија, Франција, Италија, Луксембург, Холандија).

На 25 март 1957 година, шестмината го потпишаа основачкиот договор за политичка и економска Европа во Рим, воспоставувајќи ја Европската економска заедница (ЕЕЗ), заеднички пазар заснован на слободно движење, со укинување на царинските бариери меѓу земјите-членки. Институциите се основани на почетокот на 1958 година.

Во јануари 1973 година, во ЕЕЗ се приклучија Велика Британија и Северна Ирска, Данска и Ирска, следат Грција (1981), Шпанија, Португалија (1986), Австрија, Финска и Шведска (1995).

Договорот од Мастрихт, вториот основен акт на европска градба, беше потпишан на 7 февруари 1992 година, со кој се предвидува премин во единствена валута и формирање Европската унија.

Од јануари 1993 година, единствениот пазар стана реалност со слободно движење на стоки, услуги, луѓе и капитал. Во март 1995 година, Шенгенските договори им дозволија на Европејците да патуваат без гранични контроли.

На 1 јануари 2002 година, еврото влезе во секојдневниот живот на околу 300 милиони луѓе во ЕУ. Данска, Велика Британија и Шведска ги задржаа своите валути.

По падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година, постепено се наметна експанзија кон земјите од Источна Европа. Десет нови земји се приклучија на ЕУ во мај 2004 година: Полска, Чешка, Унгарија, Словачка, Литванија, Летонија, Естонија, Словенија, како и Малта и Кипар. Следуваа Бугарија и Романија (2007 година), Хрватска (2013 година).

Пролетта 2005 година, одлуката на француските и холандските гласачи да го отфрлат „европскиот устав“ ја втурна ЕУ во институционална криза. Од тоа излезе само со Лисабонскиот договор, што требаше да влијае на институциите на проширената ЕУ да работат подобро, ратификувано во 2009 година.

Истата година, Грција најави нагло зголемување на дефицитот, прв предупредувачки сигнал за огромна финансиска криза. Потоа Ирска, Шпанија, Португалија и Кипар побараа помош од ЕУ и ММФ, кои од нив бараа мерки за штедење. Една по друга, должничката криза ги собори европските шефови на влади и предизвика растечка недоверба во ЕУ.

Излегувајќи од таа криза, во 2015 година, Европа се соочи со најсериозната миграциска криза од 1945 година, со доаѓањето на стотици илјади баратели на азил. ЕУ беше поделена околу одговорот.

Потоа, на 23 јуни 2016 година, 51,9 проценти од Британците гласаа за напуштање на нивната земја од ЕУ.

Британскиот парламент го одби првиот договор меѓу Лондон и Брисел трипати. Вториот договор беше склучен на 17 октомври 2019 година, но британскиот парламент го прифати дури по парламентарните избори во декември, на кои победија конзервативците предводени од Борис Џонсон.

Првично закажано за 29 март 2019 година, брегзит беше спроведен на 31 јануари 2020 година. ЕУ загуби членка за првпат.

Во март 2020 година започнаа макотрпни преговори меѓу ЕУ и Велика Британија за идните трговски односи и безбедносните прашања, кои беа заклучени на 24 декември, едвај една недела пред крајот на преодниот рок.

Пандемијата на новиот коронавирус ја фрли економијата на ЕУ во длабок дефицит во 2020 година и предизвика бран на затворање на границите во ЕУ и Шенген зоната во март. Тоа беше уште еден удар врз слободата на движење, едно од главните европски достигнувања веќе оштетени од миграциските тензии.

Сепак, договорот од 27 нации отвора пат за невидена можност ЕУ да се задолжи колективно на големите пазари за да финансира план за зајакнување на економскиот раст.

Back to top button
Close