Светска банка: Економската криза во Либан е една од најтешки во последните 150 години

 Светска банка процени дека сериозната економска и финансиска криза во Либан ќе биде означена како една од најлошите во светот во повеќе од 150 години.
Во денеска објавениот извештај на Светска банка се вели дека од крајот на 2019 година, Либан се соочува со комплексни предизвици, вклучувајќи ја најголемата мирновременска економска и финансиска криза, ширењето на коронавирусот и разорната експлозија во пристаништето Бејрут минатата година, што се смета за една на најголемите ненуклеарни експлозии во историјата.
Кризата се влоши во последните месеци поради политичките расправии меѓу ривалските групи, што го одложи формирањето на новата влада, откако премиерот Хасан Диаб поднесе оставка неколку дена по експлозијата на 4 август. Во експлозијата загинаа 211 лице, а повеќе од 6.000 беа повредени и беше предизвикана материјална штета во повеќе населби во либанскиот главен град.
Светска банка оцени дека либанското раководство воопшто не одговорило на тие предизвици.

„Економската и финансиска криза веројатно ќе ги достигне првите десет, можеби првите три, најсериозни епизоди на кризи во светот од средината на 19 век“, се вели во извештајот на Светска банка.

Оваа година се очекува бруто домашниот производ да се намали за 9,5 проценти, по намалувањето од 20,3 проценти минатата година и 6,7 проценти годината пред тоа.

Бруто домашниот производ на Либан минатата година беше намален од околу 55 милијарди долари на 33 милијарди и тој падна за 40 проценти по глава на жител.

Со децении во Либан доминира истата политичка елита составена од поранешни воени началници и команданти на граѓанската воена милиција, потсетува Бета. Корупцијата е широко распространета во последните децении, доведувајќи ја малата земја на работ на банкрот.

Во март минатата година, Либан не го плати својот долг по првпат во историјата, бидејќи вредноста на локалната валута изгуби повеќе од 85 проценти од својата вредност.

Десетици илјади луѓе останаа без работа, а многумина ја напуштија земјата во потрага по подобар живот.

Речиси пет милиони Либанци живеат во сиромаштија.

– Само реформски оријентирана влада што тргнува по веродостоен пат на економско и финансиско закрепнување може да спречи понатамошно потонување на Либан, рече Сарој Кумар Џа, регионален директор на Светска банка.

Во последните неколку недели, во Либан има недостиг на лекови и гориво, а рестрикции на струја има повеќе од 12 часа на ден.

Back to top button
Close