Светска банка препорачува инвестиции во енергетиката и реформи во земјоделството
Иако Северна Македонија е помалку изложена на директни економски ризици од војната во Украина, индиректната поврзаност преку намалената побарувачка од главните трговски партнери силно ќе влијае врз економијата и очекуваме да има неколку квартали на техничка рецесија, вели за МИА новата регионална директорка на Светска банка за Западен Балкан, Ксијаокинг Ју.
Во интервјуто Ју вели дека прогнозите за рецесија на големите економии во ЕУ, меѓу кои и главниот трговски партнер на земјата, Германија, се очекува силно да влијаат и на економијата на земјава.
– Според последните есенски прогнози, Европската комисија очекува пад на германската економија за 0,6 отсто во 2023 година, како резултат на зголемените цени на енергенсите во услови на ограничувања во снабдувањето, повисоки трошоци за задолжување, загуби на куповната моќ на потрошувачите и севкупно влошување на расположението на пазарот. Иако, Северна Македонија е помалку изложена на директни економски ризици од војната во Украина, индиректна поврзаност преку намалената побарувачка од главните трговски партнери силно ќе влијае на економијата и очекуваме да има неколку квартали на техничка рецеција. Но, сепак предвидуваме позитивен раст во 2023 во целина – вели Ксијаокинг Ју.
За да се справи со кризите, фокусот на Владата на краток рок, според директорката на Светска банка, треба да биде на давање приоритет на политиката за поддршка на ранливите категории и сигурност дека мерките се таргетирани и временски ограничени за да се намалат фискалните ризици за време на наглото зголемување на трошокот на капиталот.
Ју говори и за тоа како да се намали инфлацијата во земјава и кон што треба да се насочат политиките за да ја намалиме големата зависност од увоз на храна и енергенси.
– Северна Македонија е нето увозник на храна и енергија, а половина од потрошувачката кошничка на просечно домаќинство се троши на храна и енергија. Групите со помала заработувачка трошат и повеќе. Ниската додадена вредност на земјоделството поради малите земјишни поседи, падот на работната сила и продуктивноста на земјиштето, ограничената инфраструктура за наводнување и распределбата на земјоделското земјиште на култури со ниска вредност и одгледувањето тутун придонесоа за повисоки трговски дефицит со храна и покрај значителната земјоделска поддршка од 1,3 отсто од БДП кој беше над регионалниот и просекот на ЕУ. Подобрување на ефикасноста на фармите и реструктурирање на земјоделските субвенции не кон одгледување тутун, туку кон поддршка за модернизација на фармите за храна може да доведе до намалување на интензитенот на увоз на храна – нагласува Ксијаокинг Ју.
Според неа, треба да се зголемат и инвестициите во енергетска ефикасност и обновлива енергија, да се диверзифицира доставувањето на природен гас и да се преземат мерки за праведна транзиција без фосилни горива.
Директорката вели дека Светска банка е подготвена да и помогне на земјата да го намали влијанието на тековните кризи и да го зголеми фокусот на среднорочните политики за поддршка на растот.
-Активното портфолио на Светска банка во Северна Македонија содржи девет проекти и една регионална операција со фокус на земјоделството, социјалните услуги, образованието, енергетската ефикасност, финансирањето на општините, инфраструктурата, трговијата и поврзаноста во вредност од 511 милион долари. Исто така, новиот проект за интегриран систем за финансиски менаџмент (IFMIS), кој има за цел да го подобри фунционирањето на Министерството за финансии и модернизацијата на Управата за јавни приходи наскоро треба да биде дискутиран од Одборот. Како се наближува крајот на сегашната стратегија за партнерство, ја надградуваме Системската дијагностика за земјата, а наскоро ќе почнеме да ја подготвуваме новата Рамка за партнерство со земјата, која ќе биде водилка за поддршката на Светска банка за периодот 2024-2028 – вели во интервјуто директорка на Светска банка за Западен Балкан.