Светска програма за храна: Во светот 733 милиони луѓе се соочуваат со глад
Светската програма за храна соопшти дека 733 милиони луѓе во светот се соочуваат со глад, односно секој 11-ти жител на Земјата.
„Додека глобалните предизвици растат, помошта во храната е спас за милиони погодени од конфликти и кризи“, се вели во пораката на Светската програма за храна по повод Светскиот ден на храната, кој се слави следната среда.
Светската програма за храна објави апел на повеќе социјални медиуми, повикувајќи на поголеми напори за да се обезбеди храната да стигне до сите луѓе на кои им е потребна, како и да се спречи понатамошно ширење на катастрофата од глад.