Светски aгенции: Екстремистите со нападите ја предизвикаа полицијата и немирите во Србија

Светските агенции вечерва известуваат за протестите во Белград и Нови Сад, а американската АП посочува дека силите за јавна безбедност, полицијата, коњаницата и специјалните анти-терористички сили во заедничка акција користеле солзавец и оклопни возила при разбивање на насилните, претежно екстремно десничарски демонстранти.

Би-Би-Си известува дека демонстрациите во  Белград вчера почнале како мирни, но дека ескалирале кога припадници на екстремно десничарските организации им се придружиле на незадоволните граѓани и со своите агресивни напади врз припадниците на безбедносните сили ги предизвикале полициските реакции.

Како иницијална причина за демонстрациите, репортерот на Би-Би-Си го наведува повторното воведување на рестриктивните мерки и сомневања дека владата го прикривала „точниот број на смртни случаи во текот на првите недели од епидемијата на коронавирус во Србија“.

Други западни медиуми информираа и за демонстрациите во Белград и Нови Сад, тврдејќи дека и полицајци и демонстранти се повредени и дека околу зградата на парламентот, претседателството и другите институции се поставени полициски барикади и нагласено големи сили на редот.

АП објави дека непосредна причина за демонстрациите во Белград и Нови Сад е најавата за повторно воведување на полициски час и други, построги мерки против ширење на коронавирусот.

Иако претседателот Вучиќ денеска одржа прес-конференција и најави дека Кризниот штаб решил да не воведува полициски час во Белград, тоа не ги поколеба огорчените демонстрантите од обидот и денеска да изведат насилен упад во зградата на српскиот Парламент, фрлајќи камења и шишиња кон полицијата, соопшти агенцијата.

Ројтерс потсетува дека насилните протести започнаа вчера и покрај предупредувањата дека секој јавен собир носи ризик од ширење на коронавирусот.

Back to top button
Close