СВП годинава во нов термин – место во август, во јуни

Годинешното 65-то издание на СВП, годинава стартува во нов термин, наместо во август, од 24-29 јуни, заради привлекување на нова публика, и заштеди, пишува „Независен“. И годинава ќе ги има стандардните – поетски читања за отворањето и затворањето на фестивалот („Меридијани“ и „Мостови“), книжевниот портрет на венценосецот – холандската поетеса Анекe Брасинга, во црквата „Света Софија“ во Охрид…

„Целта на фестивалот е да се врати публиката на настаните што се организираат на отворено. И тоа е на некој начин и мисијата во основа на овој фестивал, да биде во непосреден допир со публиката. Се надеваме дека овој термин ќе ни овозможи поголема видливост, ќе ни овозможи поголема публика. Освен тоа, во прашање е и економскиот аспект, бидејќи периодот е пред сезона, а тоа се заштеди што многу ни помагаат нам, како организатори, да ги премостиме овие проблеми на што секојдневно наидуваме и се соочуваме. Понатаму, во поглед на професионалните гости коишто го посетуваат фестивалот, ова е период кога тие се послободни, кога нивните академски обврски овозможуваат да бидат присутни за време на фестивалот во Струга“, подвлече Кукунеш.

Меѓу учесниците на годинашната поетска манифестација Стефоски ги наведе Луис Гарсија Монтеро – шпански поет и директор на Институтот Сервантес, Михаел Кригер – еден од најзначајните современи германски поети.

Стефоски рече дека годинашниот буџет е ист како во 2000 та, а треба да се покријат трошоци како за 2026 година. За да ги задржат стандардите, покрај скратениот буџет од Министерството за култура, поддршка обезбедиле и преку соработка со странски институции и фондации, програмата на ЕУ „Креативна Европа“ и со спонзорства. Ако сакаме промени и модернизирање на фестивалот, рече тој, мора да се знае дека тие се поврзани со средства.

Концепцијата за СВП 2026, останува како и во минатите години – да се покануваат поети со различни поетики и соодветно да се претстават. Меѓу изданијата што ќе бидат промовирани се тријазичен избор од поезијата на лауреатот на „Златен венец 2026“, Анекe Брасинга , објава на поетската книга на  англискиот поет Даниел Хајндс за неговата збирка „Нови, познати фрази“– добитник на наградата на СВП и УНЕСКО за најдобра дебитантска поетска книга, Антологија на македонските поети, добитници на наградата „Браќа Миладиновци“, на тема камен и земја, чиј приредувач е академик Ивица Џепароски, наслови од едицијата „Плејади“, како и книга со интервјуа со досегашниите лауреати на „Златен венец“ на авторот Диме Ратајковски.

За време на шесте дена СВП, ќе биде соопштена и наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра стихозбирка меѓу две фестивалски изданија, ќе има содржини поврзани со поетската платформа „Версеполис“ поддржана од ЕУ.

Годинава, паричниот дел на наградата „Златен венец“ изнесува десет илјади евра, на „Браќа Миладиновци“ – 2200 евра, и на „Мостови на Струга“ – 1000 евра.

Back to top button
Close