СВР Битола апелира граѓаните да бидат претпазливи на следниве измами преку телефонската комуникацијата

Секторот за внатрешни работи-Битола, поради евидентирани пријави од страна на граѓани за извршени измами од страна на лица кои лажно се претставуват и на различни начини ги доведуваат до заблуда оштетените со цел да остварат парична или друга корист, апелира до граѓаните да бидат претпазливи во комуникацијата со непознати лица, која е најчесто телефонска, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги, да ги проверуваат податоците пред да станат жртви на измама, да не им даваат пари на измамниците и сите сомнителни случаи веднаш да ги пријават на бесплатниот телефонски број 192.

Најчеста измама e со телефонско јавување на измамниците кај постари лица, при што ги доведуваат во заблуда со лажно прикажување на факти дека нивни блиски предизвикале сообраќајна незгода во која е прегазено дете, а сторителот лажно претставувајќи се како сведок или службено лице, им ветува дека за одредена сума на пари може да помогне наводниот учесник во сообраќајната незгода да не оди во затвор.

–Измамниците ги наведуваат оштетените за кусо време да ги обезбедат бараните парични средства, кои ќе бидат преземени од сторителите. Друга честа измама за која граѓаните пријавуваат е дека им се ветуваат најразлични производи или услуги како огревни дрва, лекарства, купување на возила, купување на станови, организации на настани, откуп на железо и друго, при што измамниците сето тоа го прават телефонски и не се појавуваат. Посебен апел би сакале да упатиме, до повозрасните лица и пензионерите, посебно да внимаваат кога ги подигнуваат нивните пензии од банките и банкоматите каде има поголема фреквенција на луѓе, особено да посветат внимание на нивното опкружување, а паричните средства соодветно да ги чуваат во паричници и да внимаваат да не бидат предмет на измама, нагласуваат од СВР-Битола.

Дел од пријавените измами на подрачјето на СВР Битола се однесуваат и на наводен откуп на железо, при што парите се даваат најчесто на наводен такси превозник.

Измамите претставуваат кривично дело за кое е предвидена парична или казна затвор од три до пет, односно 10 години, зависно од големината на причинетата материјална штета.

Секторот за внатрешни работи Битола презема интензивни мерки и активности за спречување на ваквите појави и расчистување на пријавените измами, се посочува во соопштение до битолчани.

Back to top button
Close