СВР Охрид го испитува случајот со ковид-тестот на градоначалникот Пецаков

СВР Охрид, во координација со Центарот за јавно здравје, презема мерки и активности за расчистување на случајот со градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, кој добил позитивен наод на тест за ковид-19 на испитувањето направено по завршувањето на богојавленските свечености во Охрид на кои лично присуствуваше, соопштија за МИА од Министерството за внатрешни работи, додавајќи дека по расчистувањето на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Телма објави дека Пецаков ќе добие кривична пријава оти утрото на Водици направил корона-тест и наместо да го почека резултатот во самоизолација, учествувал на одбележувањето на верскиот празник, а потоа добил и позитивен резултат.

Пецаков тврди дека се тестирал за да може да патува, а не поради симптоми. По првичниот позитивен тест, тој го повторил тестирањето и бил негативен, за што објави и документ на Фејсбук

Пецаков на Водици, без заштитна маска, присуствуваше на одбележувањето на христијанскиот празник во Охрид. Се сретна со евроамбасадорот Дејвид Гир, а беше на литургија со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Бухова, изјави за неколку медиуми дека Пецаков морал да се самоизолира додека ги чекал резултатите од тестот.

 

 

 

Back to top button
Close