СВР Велес апелира граѓаните да се заштитат од телефонски измами
Во изминатиот период во СВР Велес добиени се пријави од граѓани, најчесто од повозрасни лица, дека се измамени на начин што непознати лица телефонски им се јавуваат претставувајќи се како службени лица и се обидуваат да им измамат поголеми суми на пари.
Како што денеска информираа од СВР Велес, сторителите бараат финансиски средства за ослободување од кривичен прогон на нивни блиски кои наводно предизвикале или биле жртви во сообраќајни несреќи.
Само во последното деноноќие, во СВР Велес имало пет пријави за обиди за измами.
Апелираат до граѓаните да бидат особено внимателни кога добиваат телефонски повици од непознати броеви, да не даваат пари, да го прекинат разговорот веднаш, а случајот да го пријават во полициска станица.
Со цел да се заштитат граѓаните од ваквиот вид на измами, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес, во изминатиот период работат на едукација на граѓаните, преку непосредни разговори и едукативни материјали со совети за заштита. Превентивните активности ќе продолжат и во претстојниот период преку средби со повозрасната категорија на граѓани.