СЗО: Лажните вести може да ја загрозат вакцинацијата против ковид-19

Уште во февруари, кога пандемијата на коронавирус брзо се рашири, Светската здравствена организација (СЗО) предупреди за поплава од дезинформации и лажни вести на социјалните мрежи, поврзани со новото респираторно заболување.

Коронавирусот е прва пандемија во историјата за време на која технологијата и социјалните медиуми се широко користени за да ги одржуваат луѓето безбедни, информирани, продуктивни и поврзани. Во исто време, технологијата на која се потпираме, овозможува ‘инфодемија’ што продолжува да го поткопува глобалниот одговор и ги загрозува мерките за контрола на пандемијата – истакна СЗО.

Повеќе од 1,45 милиони луѓе починаа од почетокот на пандемијата, а три производители на вакцини од Западот веќе поднесоа барање вакцината да биде одобрена за употреба уште во декември.

Покрај проблемите со организирање на процесот за масовна вакцинација, владите мора да се справат и со сомнежите за вакцинaта развиена со брзо темпо, во време кога социјалните медиуми се алатка и за информирање и за ширење на дезинформации за вирусот.

Стивен Вилсон, професор на Универзитетот Брандејс и коавтор на студијата „Социјални медиуми и двоумење за вакцинација“, објавена минатиот месец во магазинот British Medical Journal, гледа врска помеѓу кампањата за дезинформации на интернет и падот на бројот на вакцинации.

– Мојот страв во врска со влијанието на дезинформациите на социјалните медиуми во контекст на ковид-19 е дека ќе се зголеми бројот на оние кои се двоумат дали да се вакцинираат, дури и во случаи кога нивните стравови немаат научна основа – смета тој.

Back to top button
Close