СЗО објави крај на карантинот за речиси сите патници на „Хондиус“ по избувнувањето на хантавирус

Речиси сите патници и членови на екипажот на крузерот „МВ Хондиус“ (MV Hondius), кој беше жариште на смртоносниот хантавирус, добиле дозвола да се вратат во своите домови по завршувањето на карантинот во Холандија, објави генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, на социјалната платформата Икс.

Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), на бродот се регистрирани и потврдени 12 случаи на хантавирус, како и еден потенцијален случај. Како последица на вирусот, три лица кои патуваа со „Хондиус“ починаа, што предизвика меѓународна здравствена тревога, пренесоа светските медиуми.

Инаку, крузерот регистриран во Холандија на 1 април исплови од Ушуаја, Аргентина, упатувајќи се кон оддалечените острови во Јужниот Атлантик, пред да го продолжи патувањето кон Зеленортските Острови и Канарските Острови во близина на шпанскиот брег, каде што беше извршена евакуација на преостанатите патници.

Бродот се закотви во Ротердам, најголемото европско пристаниште, на 18 мај, а преостанатиот екипаж потоа беше ставен во карантин со недели.

Шефот на Светската здравствена организација истакна дека ситуацијата е стабилна, без пријавени нови случаи или смртни случаи од 2 мај.

„Речиси сите патници и членови на екипажот на ‘Хондиус’ кои беа ставени во карантин во Холандија веќе добија дозвола да се вратат во своите домови, вклучително и странските државјани“, објави Тедрос Аданом Гебрејесус.

На бродот му беше дозволено да продолжи со пловење на 30 мај откако беше исчистен и дезинфициран, додека островот Света Елена, каде што се истоварија некои од патниците, прогласи крај на вонредната состојба на 8 јуни.

Властите на оддалечениот британски остров соопштија дека сите оние што морале да бидат изолирани успешно го завршиле 42-дневниот карантин и дека нема активни, сомнителни или потврдени случаи.

Хантавирусот се пренесува преку глодачи и не постои вакцина или специфичен третман за него. Сојот од Андите идентификуван на крузерот е единствениот познат сој на хантавирус што може да се пренесе од човек на човек.

Back to top button
Close