Т.В. Адорно, споменот на Аушвиц и образованието


Варварството постои сѐ додека постојат услови за него
Еден од филозофите на „Критичката теорија”, Теодор В. Адорно, сметаше дека стариот фашизам ги имаше своите корени во „воскреснатиот” агресивен национализам од крајот на деветнаесеттиот век. Кога денес го следиме растот на фашистичките идеологии, кои, без исклучок, одат заедно со екстремен, фанатично воскреснат национализам од крајот на деветнаесеттиот век дури и во неколку средноевропски и балкански земји, кои самите се членки на ЕУ, создадена да го спречи воскреснувањето на милитантниот национализам, човек се прашува дали навистина имаме работа со тоа загадочно Ничеанско „враќање на секогаш истото”? За илустрација, да се прашаме: што го хранеше овој „новоусташки” хрватски модерен ЕУ-конформен фашизам, кој неодамна естрадно „дефилираше” во Загреб? Го хранеше воскреснатиот патос на националната преродба и патриотизам како рехабилитација на „НДХ-овската” варијанта на фашизмот која, впрочем, секогаш се одигрува преку образованието. Пред се‘, преку историските приказни, па затоа историскиот ревизионизам денес на Балканот доживува ренесанса.
Во 1966-та германскиот филозоф со еврејко потекло, Теодор В. Адорно, во есејот „Образованието после Аушвиц” напиша дека „барањето Аушвиц никогаш да не се повтори, пред сѐ, е упатено на образованието“. Тоа барање било толку саморазбирливо, што тој ниту верува ниту смета дека мора да го образложи. Тој повеќе изразува чудење зошто досега не било обрнато повеќе внимание на ова сознание. Да мора да се образложува тоа барање би било стравотно со оглед на стравотното што се одигра во Аушвиц. За нас денес е многу поучен заклучокот на Адорно, според кој, фактот што има толку мала свест за ова барање, покажува дека луѓето не го сознале докрај стравотното во Аушвиц, што е симптом на можноста тоа да се повтори. „Секоја дебата за образовните идеали е ништожна и безначајна споредена со тој еден идеал, Аушвиц никогаш да не се повтори”, заклучува Адорно. Аушвиц за него е варварството, против кое се бори секое образование, затоа било неумесно да се говори „за опасноста од запаѓање во варварство”, зашто тоа не се заканува, туку Аушвиц беше варварство. Токму затоа во „Естетичката теорија” тој напиша дека културата е највисокото, како сфера на духовното и на творештвото, на хуманоста, но таа е и „ѓубре”- затоа што среде највисоката култура во дваесеттиот век се одигра Аушвиц. Во таа смисла, за Адорно варварството постои сѐ додека постојат условите кои го овозможуваат запаѓањето во него.
Безличниот учител кој едуцира безличен ученик
Речиси пророчки делува Адорновото укажување на, според него, едно од најдлабоките сознанија кај Фројд за културата и социологијата, според кое „цивилизцијата, од своја страна, го произведува антицивилизациското и сѐ повеќе го засилува”. Затоа Адорно смета дека списите на Фројд, како „Нелагодноста во културата”, заслужуваат да бидат широко распространети и читани токму како лектира против повторувањето на Аушвиц. „Доколку во самиот принцип на цивилизацијата е предиспонирано варварството, тогаш се чини безнадежно да се спротивставиме на него”, заклучува Адорно. Тоа значи, за да не се повтори Аушвиц, треба постојано да се има предвид очајничкиот момент во борбата против варварството, за да се избегне наивниот идеализам и оптимизам. Опасноста да се повтори Аушвиц произлегува од фактот што, според Адорно, темелната структура на општеството, дури и дваесет и пет години по војната, уште не била суштествено променета.
Многу симптоматично за денешната состојба во светот, Адорно првиот историски пример за „планското убивање на милиони луѓе” го гледа во геноцидот на милион Ерменци од Турската империја во Првата светска војна. „Највисоките германски воени и државни институции очигледно знаеја за него, но тоа го држеа во строга тајност”, забележува тој. Етноцидот (Völkermord), геноцидот, за Адорно „ги има корените во тоа воскреснување на фанатично агресивниот национализам кој се одигруваше во многу земји уште од крајот на деветнаесеттиот век.“ Во исто време, научниот и техничкиот прогрес, кои создаваат сѐ посилни средства за уништување на сѐ поголем број луѓе, како нуклеарното оружје, ја прави борбата против тие објективни фактори уште потешка. Единствената сфера во која може да се делува далекусежно во борбата против варварството на масовното уништување на цели народи, според Адорно, е само психологијата на луѓето кои така постапуваат. Притоа, тој не верува дека би било од помош повикувањето на „вечните вредности”, ниту пак помага на геноцидалните народи да им укажеме какви позитивни квалитети поседуваат малцинствата кои тие ги прогонуваат. „Корените” на вараварството треба да се бараат во „прогонувачите”, а не во жртвите, смета Адорно. Поважно било да се препознаат механизмите кои тие луѓе ги прават такви, та тие затоа така постапуваат. Не се виновни жртвите, туку „само тие кои фанатично сета своја омраза и агресија ја истураат врз нив”.
Денес ни се чини наивна увереноста на Адорно дека може да се „работи” против тој воскреснат националистички фанатизам, со тоа што образованието луѓето би ги научило да бидат „самокритични”, за да се спречи тие својот гнев и агресија да го истураат неконтролирано врз другите, не прашувајќи се зошто го прават тоа. Секако, во 1966-та образованието уште се остваруваше низ класичните образовни медиуми. Меѓутоа, појавата на интернетот ги измести сите досегашни параметри, особено со тоа што се појавија центри на моќ со глобално влијание преку информации кои ја заменија класичната идеологија, која сега не е ограничена со никакви национални граници. Од друга страна, субјектот во светот на глобалната мрежа од информации сѐ помалку е активен критички промислувач, а сѐ повеќе пасивен, до глупост некритички консумент. Особено кога се работи за некритичното консумирање на „теориите на заговор”. Не зачудува зошто токму во глобалната ера во многу европски држави се „повампирија” старите фашистички духови. Затоа што интернетот е безличниот „учител” кој „едуцира” безличен „ученик”. Обајцата немаат лик, па затоа неконтролирано можат да ја изразат сета своја агресија, како и своите најпримитивни импулси. И во овој контекст Теодор В. Адорно и Макс Хоркхајмер имаа право кога елементите на антисемитизмот и фашизмот во легендарното дело „Дијалектика на просветителството” ги разгледуваа во контекст на неограничениот, агресивен технолошки прогрес. Додека го пишуваа ова дело како еврејски емигранти во Америка, во Аушвиц, во земјата на Гете и Шилер, до симболот на германската култура и образование, градот Вајмар, во логорот Бухенвалд, секој ден, во ритамот на фабричките машини, беа убивани луѓе, само затоа што беа поинакви од замислените „Ариевци”. Затоа, и покрај привлечноста на фашизмот за денешните националисти, Аушвиц останува „прашање без одговор”, како што напиша нобеловецот Ели Визел, Евреинот од Романија кој го преживеа Аушвиц како момче. „Единствено што можеме да сториме е да поставуваме прашања и да се исчудуваме”, смета Визел.
Отворена рана на европскиот хуманизам
Оваа мисла на Визел најточно го изразува моето чувство кога во бетонот на тротоарот во келнските квартови, во кои до војната живееле многу Евреи, мигновено ќе ја здогледам малечката месингена плоча со името на келнјанинот или келнјанката кои биле убиени во гасните комори само затоа што биле Евреи. Долго време го барав местото каде што во квартот Келн-Линдентал во војната се наоѓал кармелитскиот манастир, во кој 1933 се беше замонашила германската филозофина со еврејско потекло, Едит Штајн. Пред една година, неочекувано, на еден ѕид во главната улица, позната по многубројните продавници и омилени ресторани, здогледав плочка од месинг, со име кое ми е толку познато од филозофијата: Едит Штајн. Родена како Еврејка во денешен Вроцлав, некогашен Breslau, убиена во Аушвиц како католичка монахиња. Шифрата на нејзината смрт во гасната комора во Аушвиц само малку ни го приближува ужасот на секоја нацистичка и фашистичка идеологија. Идеологијата на фанатичниот национализам е најдлабокиот пад во варварство на христијанската цивилизација. Аушвиц и денес останува отворената рана на европскиот хуманизам.
Kица Колбе