Тајани: Италија ќе игра водечка улога во обновата на Газа
Италија ќе игра важна и конструктивна улога во процесот на обнова на Газа и стабилизирање на прекинот на огнот меѓу Израел и Палестинците, изјави италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани на маргините на министерскиот состанок на Г7 во Канада.

-Посветеноста на Италија на Блискиот Исток може да вклучува обука на палестинската полиција или придонес во цивилната администрација. Ќе се консултираме со сите засегнати страни, вклучително и муслиманските, рече Тајани.
Тој потсети дека Италија веќе одлучила да инвестира 60 милиони евра во обновата на Газа, а првите пет милиони биле префрлени пред неколку месеци. „Мора да се осигураме дека прекинот на огнот ќе се зајакне и дека целата хуманитарна помош ќе стигне до населението“, додаде министерот, прецизирајќи дека италијански претставник ги посетил Јордан, Рамала, Израел и Египет и дека е на пат кон САД.
„Италија ќе игра водечка улога во фазата на закрепнување и во фазата на консолидирање на мирот“, рече Тајани.
Министерот коментираше и за други меѓународни прашања, вклучувајќи ги односите со Кина, војната во Украина и конфликтот во Судан.
„Не можеме да дозволиме Кина да ги диктира цените на суровините. Мора да го зајакнеме дијалогот и да најдеме нови извори – во Африка, Латинска Америка, Австралија и Нов Зеланд“, рече Тајани.
Според него, Русија „не ја добива војната во Украина“, туку „шири пропаганда“, додека меѓународната заедница мора да продолжи со своите напори за притисок врз Москва и постигнување прекин на огнот.
Во врска со кризата во Судан, Тајани најави дека Италија ќе испрати авион и брод со резерви за деца во Порт Судан пред Божиќ. Тој нагласи дека соработката со земјите од Заливот е исто така неопходна за постигнување прекин на огнот.






