„Тајм“: Трамп бара излез од војната, му даваат “разубавени слики”

Американскиот претседател Доналд Трамп се соочува со растечки притисок да најде излез од војната со Иран, додека поддршката кај јавноста опаѓа, а економските последици се продлабочуваат, објавува Time во обемен извештај од внатрешноста на Белата куќа.

. EPA/SAMUEL CORUM / POOL

Според извештајот, Трамп бил информиран од своите најблиски соработници дека поддршката за војната опаѓа, цените на горивото растат, берзите паѓаат, а се зголемува и бројот на критики, вклучително и од негови поддржувачи. Дополнително, потврдена е и смртта на 13 американски војници.

Неговата шефица на кабинет, Сузи Вајлс, предупредила дека претседателот добива „разубавена слика“ за состојбата и побарала од тимот да биде поискрени за политичките и економските ризици.

И покрај јавните изјави за напредок, извори за „Тајм“ велат дека Трамп сега бара начин да го заврши конфликтот, но без да изгледа како пораз.

„Постои тесен прозорец во кој Трамп се обидува да прогласи победа, да ја запре војната и да се надева дека економијата ќе се стабилизира“, изјавил висок функционер од администрацијата.

Во исто време, Трамп јавно испраќа спротивни пораки – тврди дека операцијата е при крај, но најавува и нови силни напади врз Иран.

Извештајот наведува дека и министерот за одбрана Пит Хегсет бил изненаден од обемот на иранскиот одговор, кој вклучувал напади не само врз американски и израелски цели, туку и врз повеќе земји во регионот.

Во меѓувреме, администрацијата се соочува со сериозни економски последици, особено поради блокадата на Ормутски теснец, што доведе до глобален енергетски шок и ризик од рецесија.

Според „Тајм“, Трамп се наоѓа во ќорсокак: сака брз крај на војната, но без да се откаже од целите како спречување на нуклеарната програма на Иран и политичка победа дома.

Иако во јавноста тврди дека „сите карти се кај САД“, извештајот заклучува дека завршницата на конфликтот останува неизвесна, а во Белата куќа расте загриженоста за политичката цена што ќе ја плати администрацијата.

Back to top button
Close