Тајван истрела американски ракети Химарс за време на вежба
Тајванските вооружени сили денеска почнаа да користат едно од своите најнови и најпрецизни оружја за напад, за време на вежби чија цел е да ја покажат решеноста на островот да се спротивстави на евентуална инвазија од страна на Кина.
Два оклопни камиони со Химарс (HIMARS – Високомобилни артилериски ракетни системи) беа забележани како маневрираат околу градот Тајчунг, во близина на централниот брег на Тајван, на четвртиот ден од најопфатните досега годишни вежби „Хан Куан“, кои ќе траат 10 дена.
Следната недела за време на маневрите се очекуваат бојни гаѓања, а се очекува да се вклучат и повеќе воени авиони и бродови.
Тајвански воен претставник на лице место коментира дека во случај на војна ќе биде од витално значење Химарс да бидат скриени од непријателско воздушно разузнавање, сателити „или дури и од непријателски агенти зад линијата“, додека не биде дадена наредба за гаѓање.
Кина го смета Тајван за своја територија и во последните пет години го засили воениот притисок врз островот, спроведувајќи низа интензивни вежби и секојдневни патроли на поморските и военовздухопловните сили, пренесе БТА.
Министерството за одбрана на Тајван соопшти дека синоќа околу островот пресретнало 14 летови на кинески военовздухопловни сили и девет воени бродови. Девет од авионите ја преминале средната линија во Тајванскиот Теснец – неофицијалната линија на разграничување меѓу континентална Кина и островот.
Тајван ги отфрла тврдењата на Кина за суверенитет. Според тајванскиот претседател Вилијам Лаи, само тајванскиот народ може да ја одлучи својата иднина.
Министерството за одбрана на Кина оваа недела соопшти дека вежбите „Хан Куан“ не се „ништо друго освен блеф“, а Министерството за надворешни работи нагласи дека неговото спротивставување на воените врски меѓу САД и Тајван е „конзистентно и многу категорично“.