Тајванскиот министер за одбрана: Тајван не бара војна со Кина

Тајван не бара војна со Пекинг, но неговата политика е да изгради одбранбена способност на повеќе нивоа за одвраќање, за да и отежне на Кина да го освои островот, изјави денеска тајванскиот министер за одбрана Велингтон Ку, цитиран од британските медиуми.

Демократски управуваниот Тајван, кој Кина го смета за своја територија, се соочува со кампања на зголемен воен и политички притисок од Пекинг да ги прифати тврдењата за суверенитет што владата во Тајпеј целосно ги отфрла.

Тајванскиот претседател Вилијам Лаи вчера изјави дека Кина ја смета анексијата и „елиминацијата“ на островот за своја голема национална кауза, порачувајќи им на тајванските воени кадети да не подлегнуваат на поразителното мислење дека „првата битка е последна“ – теорија, според која Тајван би можел да пропадне штом Кина ќе започне напад.

На прашањето од новинарите во парламентот колку долго Тајван би можел да издржи без поддршката на Соединетите Држави во случај на кинеска офанзива, Ку рече дека тоа не е поентата на нивната стратегија.

-Прашањето не е колку долго ќе издржиме. Нашата стратегија, нашата хипотеза, е асиметрично војување за да го изградиме нашето одвраќање во многу области и во тој процес да ја ослабнеме способноста на Кина за инвазија, рече тој.

Како дел од тековните воени реформи, Тајван ја промовира идејата за „асиметрично војување“ за да ги направи своите сили, кои се многу пати помали од кинеските, поподвижни и потешки за напад, на пример опремувајќи ги со проектили поставени на возила и беспилотни летала.

Кина вели дека Лаи е „опасен сепаратист“ кој ризикува конфликт со притисокот за формална независност на Тајван. Од своја страна, Лаи останува на ставот дека само тајванскиот народ може да одлучи за својата иднина и постојано дава предлози за преговори со Пекинг кои завршија со отфрлање.

Ку рече дека Кина е таа што „создава проблеми“ и предизвикува тензии во Тајванскиот теснец.

-Никогаш не сме барале војна. Многу јасно кажуваме дека целата наша стратегија се однесува на одбранбени операции, додаде тој.

Американскиот претседател Џо Бајден ја вознемири кинеската влада со неодамнешните коментари на оваа тема кои се чини дека укажуваат на тоа дека Вашингтон ќе го брани Тајван доколку биде нападнат, што е отстапување од долгогодишната американска политика на „стратешка несигурност“ по ова прашање, пренесе БТА.

Ку истакна дека поентата на американската стратешка неизвесност е да ги попречат плановите на Кина за евентуална инвазија на Тајван.

-Никогаш нема да можат целосно да ја исклучат можноста за американска воена интервенција, рече тој.

Back to top button
Close