Тачи: Косово и Србија на 27 јуни во Вашингтон нема да разговараат за територии и граници

 Косовскиот претседател Хашим Тачи ја прифати поканата  од специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за преговорите меѓу Косово и Србија, амбасадорот Ричард Гренел, за средба во Вашингтон, заедно со премиерот Авдулах Хоти, со претставници на Белград, со што би се продолжил дијалогот за изнаоѓање решение за споровите меѓу двете земји, јави дописникот на МИА од Приштина.

На прес конференција по добивањето на поканата од Гренел, Тачи рече дека средбата во Белата куќа, која е закажана за 27 јуни и за која веќе го потврди учеството и српската страна, претставува „значаен чекор напред за Косово“.

– Косовските институции, по поканата од Трамп и Гренел за продолжување на дијалогот во Белата куќа, одговорија позитивно и го поздравуваат овој решавачки и многу исправен чекор на САД, со целосна верба дека е стасано времето да зачекориме напред како општество, но и за мир во целиот регион на Западен Балкан. Дефинитивно, граѓаните на Косово го заслужуваат прогресот и економскиот развој, рече Тачи.

Тој изрази уверување дека вашингтонската средба ќе претставува чекор напред кон постигнување конечен договор за споровите со Србија. Тој договор, според косовскиот претседател, ќе подразбира меѓусебно признавање на двете држави и нема да содржи никаква размена на територии или промена на границите.

Косово, рече Тачи, секогаш им верувало на Соединетите Американски Држави и секогаш излегувало како победник.

– Поканата за 27 јуни ги зголемува надежта, оптимизмот и вербата дека овој процес ќе доживее успех. Во прв ред поради тоа што ја има јасната поддршка од претседателот Трамп и поради упорноста на амбасадорот Гренел. Вашингтон јасно даде до знаење, и со писмата на Трамп, дека овој процес има за цел меѓусебно признавање на Косово и Србија, но и продолжување на зачленувањето во Обединетите нации и во меѓународните организации. Обединети и во партнерство со САД ќе успееме. Така беше во Рамбује, во Виена и така ќе биде во Вашингтон, порача Тачи.

Дијалогот меѓу Косово и Србија беше прекинат во ноември 2018 година, кога косовската Влада, предводена од тогашниот премиер Рамуш Харадинај, воведе такса од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, поради кампањата на Белград за повлекување на признавањата на независноста на Косово и спречување на неговото зачленување во Интерпол, УНЕСКО и други меѓународни организации.

Со цел продолжување на дијалогот, денеска во Приштина се очекува да допатува посредникот на ЕУ во процесот, словачкиот дипломат Мирослав Лајчак, но се уште не се знае дали Тачи ќе се сретне со него.

– Кога ќе стаса Лајчак во Косово нашите тимови ќе комуницираат. Доколку има нешто конретно нема причина да не се сретнеме, а доколку доаѓа само за да го испита теренот нема потреба од средба. Тој треба да го каже ставот за визната либерализација за косовските граѓани и да разјасни како ќе го третира Косово. Доколку го третира како независна држава, процесот ќе биде полесен, изјави Тачи, кој порано порача дека не верува во неутралноста на Лајчак, затоа што во времето кога беше шеф на словачката дипломатија, неговата земја не ја призна независноста на Косово

Back to top button
Close