Тачи: Немаме договор за соработка ниту со Владата, ниту со ДУИ

Лидерот на Демократската партија на Албанците, Мендух Тачи, денеска изјави дека соработката со актуелната влада е практично невозможна. Тој на новинарско прашање дали ќе биде дел од владината коалиција, нагласи дека и покрај интензивирањето на разговорите во последните месеци, позициите на партиите остануваат многу оддалечени.

„Вистината е таа, како што и претходно кажав, речиси е невозможно, но вие сте во право, во последните месеци имаше поголем интензитет на разговори барајќи од двете страни заеднички точки меѓу оваа влада и ДПА, но на крајот дојдовме до заклучок дека немаме никакви заеднички точки. Дозволете ми да констатирам дека овој разговор денес и официјално е затворен, не можам да ги замолчам другите, но ставовите на ДПА се овие, иако покажавме желба за конструктивност, дојдовме до заклучок дека немаме ништо заедничко со политиката на оваа влада и нема да имаме“ рече Тачи одговарајќи на новинарски прашања.

Тачи додаде дека пропаднале и разговорите за соработка со првиот човек на ДУИ, Али Ахмети.

Тој најави дека в недела ќе заседава највисокото партиско тело по што ќе биде донесена одлука за идното дејствување на ДПА.

„Наскоро, мислам дека в недела, највисокото тело на нашата партија, Централното собрание, ќе заземе прецизни ставови со заклучоци за во иднина. За жал, можам да констатирам дека дури и разговорите или преговорите со г. Ахмети не успеаја, па затоа ќе имате разбирање дека денес нема да давам премногу детали додека овие ставови не бидат верификувани од партиските тела. В недела ќе има долг состанок на кој ќе разговараме и ќе донесеме одлуки за понатамошните активности на нашата партија“ изјави лидерот на ДПА.

Мендух Тачи и ДПА беа дел од коалицијата „Европскиот фронт“ предводена од ДУИ, но пред скоро 10 месеци тој потврди нема да бидат дел од фронтот.

Back to top button
Close