Тачи очекува новата Влада на Косово да се формира што поскоро

– Претседателот на Косово Хашим Тачи изјави дека со одлуката на Уставниот суд, со која му се призна правото да го додели мандатот за формирање влада на кандидатот за премиер од редовите на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Авдулах Хоти, се покажа оти „независните институции на државата функционираат како што треба“, јави дописникот на МИА од Приштина.

На прес-конференцијата која ја одржа попладнево, откако ја доби целосно образложената одлука на Уставниот суд, Тачи оцени дека со неа „уште еднаш се потврди дека во Косово созреа демократијата и успешно функционираат независните институции“.

– Се отвори патот за формирање на новата влада. Се надевам дека ова ќе биде едно ново поглавје на стабилноста, изјави Тачи.

Тој повтори дека цело време бил убеден оти со доделувањето на мандатот на Хоти во ниеден момемнт не ги прекршил неговите уставни и законски овластувања.

– Внимавав на тоа секој чекор што го презедов да биде во согласност со Уставот. Очекувам што поскоро да се формира новата Влада, бидејќи околностите бараат функционална и ефикасна Влада. Косово го нема луксузот да си дозволи вакуум во власта. Ги повикувам политичките партии и номинираниот за премиер да ја понесат одговорноста, изјави Тачи.

Откако на 25 март Собранието му изгласа недоверба на кабинетот на Албин Курти, Тачи неколку пати побара од Движењето самоопределување (ВВ) да предложи нов кандидат за формирање влада. Откако Курти остана упорен на ставот дека нова влада може да се формира единствено по нови избори, претседателот на државата на 30 април мандатот му го додели на ЛДК, односно на Авдулах Хоти како кандидат од таа партија.

На 1 мај ВВ го оспори пред Уставниот суд на Косово правото на Тачи да го додели мандатот на друга партија освен на онаа која победила на изборите, по што на 28 мај Судот пресуди дека одлуката на претседателот на државата не била спротивна на Уставот.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close