Тага и солзи на маршот во Кочани: Ако има нови осомничени ке одиме, досега никој не не викнал

И оваа сабота во Кочани родителите и најблиските на трагично загинатите во пожарот маршираа во длабока тишина. Со слики во рацете од своите најмили и со солзи во очите чекореа како еден.

Повторно ја испратија нивната порака до надлежните за правда и одговорност. Велат правда мора да има, време е!

„Нашиот молк е гласот на оние што трагично заминаа во огнот. Молк што зборува повеќе од илјада зборови, ама нема да трае вечно како вашето судење“ беше порачано од родителите.

Во толпата имаше и граѓани со транспренти: „Секој може да е следен”, „Системот убива”, „Не чекајте катастрофа-дејствувајте сега”.

На прашањето дали ќе одат во обвинителството, кое ги повика да пријават доколку имаат некакви докази, родителите рекоа:

„Ако има други осомничени ќе одиме, ако не нема да одиме. Никој не нѐ викнал, ниту ни се јавил, тие треба да си истражуваат, а нас нѐ малтретираат два месеци“ рекоа родителите.

Поддршка на маршот даде и движењето „Кој е следен?” кое организира бесплатен автобуски превоз од Скопје до Кочани.

Извор: СЛОБОДЕН ПЕЧАТ

Back to top button
Close