Така важен и моќен
Шефот на Јавното обвинителство, Ненад Савески, во рекордно време покажа како треба сите да се однесуваме, ако сакаме мирно и спокојно да ги поминеме деновите под палката на Мицкоски.
Велите премиерот е проблем? Не, секако дека не лежи во него тајната на покорното и поданичко однесување на сите останати власти, како и на граѓаните, на кои треба да им служи, да биде во нивна служба и интерес. Но, проблемот е што во случајов, камшикот не е во рацете на Мицкоски, туку кај оние останатите, како нашиов државен обвинител Савески. Самиот себе се измачува со тој камшик кој си го скроил, додавајќи си уште поубави и поголеми задолженија, од оние што веќе јавно му ги сервираше премиерот. Еден ден Савески ќе го замотка камшикот по грешка на сопствениот врат, по урнекот на многу политички самоубиства низ светската историја.
Тој е сега воодушевен, толку многу важен сам од себе, што заборава како завршуваат сите приказни како неговата. Тажно, секако дека тажни се тие краеви, кои влечкаат и удираат црни печати во историјата на државата. Не помислил ли Савески дека обвинителката Ленче Ристоска можеше одамна да го избере истиот најлесен пат, овој на Савески- да слуша и да не прашува, да гледа а да биде слепец, за да го влечка и развлечкува партискиот бог, кому ќе му дава отчет за сѐ што посакал, а тој остварил. Тоа е тој најлесен, најбезбеден пат, кој клиентите на власта го следат, се движат по траекторијата на партиската стрелка, макар ги втурнала во провалија.
Ленче Ристоска е една од ретките луѓе во оваа држава што не молчи, што се бори, што знае дека тоа е единствен начин да се дојде до слобода, нема друг. Савески е на спротивната страна, зад себе има армија луѓе кои го следат, колеги, партии, медиуми, секакви ги има. Тие сега го поддржуваат пресреќни, презадоволни што воопшто им дал некој шанса да бидат дел од таа војска која се движи со заврзани очи насекаде, кај што неправдата царува.
Но, историјата покажува дека луѓето како Ленче Ристоска на крај се оние кои победуваат. Парадоксално, затоа што тоа во Македонија е една многу мала, слободоумна група на интелектуалци, професори, новинари. Како би победиле тие неколкумина, се прашува сега со потсмев нашиов Савески, кога одеднаш, преку ноќ станал така силен и моќен, подготвен да урне сѐ што и малку се подизградило во државава. Ех, како, така како што отсекогаш било и секогаш ќе биде. Среќни се тие краеви, оние, како на Ленче Ристоска.







