Талат Џафери останува претседател на Собранието, изборот најверојатно в среда

Засега не се открива каква распределба на ресорите во Владата договориле СДСМ и ДУИ

Нема информација дали останувањето на Џафери на челното место во парламентот значи дека нема да има ротирачки премиер и дека Зоран Заев ќе ја води Владата до следните парламентарни избори

Талат Џафери и во овој мандат ќе раководи со Собранието, дознава „360 степени“. Ова е дел од политичкиот договор меѓу коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, и ДУИ за заедничко владеење во следните четири години, кој треба да биде допрецизиран утре од лидерите Зоран Заев и Али Ахмети.

Продолжението на конститутивната седница на чиј дневен ред е и избор на претседател на Собранието се планира за в среда (19 август). Ако утре падне конечен договор, мандатарот Зоран Заев до крајот на неделата би ги доставил до парламентот предлог-составот на новата влада и програмата за нејзина работа.

Сигнал за тоа дека преговорите меѓу коалицијата „Можеме“ и ДУИ се во завршна фаза е и информацијата дека СДСМ за в среда закажале седници на Извршниот и на Централниот одбор, кои треба да го одобрат политичкиот договор за парламентарно мнозинство и владина коалиција со ДУИ.

Засега не се открива каква распределба на ресорите во Владата договориле или договараат СДСМ и ДУИ. Нема информација ниту дали останувањето на Талат Џафери, кадар на ДУИ, на челното место во парламентот значи дека нема да има ротирачки премиер и дека Зоран Заев ќе ја води Владата до следните парламентарни избори.

Back to top button
Close